Според претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчевски и генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски на штрајкот ќе излезат судските службеници од сите судови во Македонија и  ќе трае два часа, односно од 10,30 до 12,30 часот. Штрајкот започнува денеска и ќе се одвива во ходниците на судските згради. Ќе се судат само итните случаи, пред се притворските.

„Законот за судска служба има низа суштински и технички грешки, донесен е без темелна расправа и без вклученост на стручната јавност, тој е противуставен и штетен за судската администрација. Законот е нејасен, недоречен, контрадикторен, неприменлив, демотивирачки, ограничувачки и несоодветен за специфичностите на судската служба. Постојано укажуваме на потребата од негови измени“- коментира Мирчевски.

Штрајкот има поддршка од Синдикатот на УПОЗ. „По донесувањето на Законот ние поднесуваме забелешки и организиравме работни средби со Министерството за правда. Исто така, организиравме и протестен штрајк на 1 мај кој се однесуваше на Законот за судска служба. Но, нашите предупредувања не беа земени предвид. Незадоволството кај судските службеници е навистина големо и немавме друг избор освен да го организираме овој предупредувачки штрајк заедно со Здружението на судска администрација“, вели Дејановски.