Инцидентите на Идомени остануваат топ-тема во Грција. Реакцијата на македонската полиција, избивањето насилство и отсуството на реакција од грчката влада и од полицијата во целата ситуација ја брануваат грчката јавност.
Од Министерството за внатрешни работи на РМ ги демантираат и ги отфрлаат како неточни тврдењата на грчките медиуми дека македонските безбедносни сили навлегле на грчка тариторија при интервенцијата за спречување на мигрантите нелегално да ја преминат границата и да влезат во земјава.
Откако во грчките медиуми се појави снимка дека македонската полиција е влезена преку оградата и реагира на инцидентите пред оградата, медиумите го поставија и прашањето дали македонската полиција напаѓала од грчка територијa и зошто е дозволено да се фрла солзавец и да се напаѓа со пластични куршуми на грчко тло од туѓа држава.
Шкариќ: Вељановски е ноќен чувар на зграда и атентатор на Уставот
Официјалниот одговор од грчка страна е дека немало преминување и стапнување на грчка територија, односно нема прекршување на границите. Грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас, објасни дека македонската полиција, во суштина, била сè уште на македонско тло.
– Оградата не е точно на граничната линија, се наоѓа два-три метри зад граничната линија, во рамки на нивната територија. Полицајците што преминаа преку дупката во оградата и оттаму реагираа на инцидентите, всушност, беа на сопствена територија – изјави Тоскас.
На обвинувањата од грчките медиуми како тогаш се дозволува и не се реагира на фактот што македонската полиција фрлала солзавец, шок-бомби и гумени куршуми на грчко тло, Тоскас објасни дека во двете протестни ноти упатени до Македонија се реагира против насилството применето врз бегалците.
На Идомени утринава е мирно. Потпаролот на грчкото координативно тело за бегалската криза, Јоргос Кирицис, кој вчера реагираше против насилните инциденти од македонска страна, денеска во изјава за грчките медиуми истакна дека ситуацијата на Идомени станува сè потешка и поопасна. Забележа дека во инцидентите биле повредени околу 300 бегалци кои се во Идомени, дел од кои биле префрлени и во болницата во Кукуш, со рани од гумените куршуми.
– Грчката влада оценува дека се создава тешка и опасна ситуација, пред сè за безбедноста на луѓето кои се на грчка територија и кои сме обврзани да ги заштитиме. Бегалското прашање не е билатерална тема меѓу Грција и ФИРОМ или Грција и Турција, тоа е процес во кој се вмешани сите европски држави и потребна е смиреност од сите – истакна Кирицис.
Во одбрана на тоа зошто немало реакција од грчката полиција, Кирицис истакна дека работите би биле многу полоши доколку реагирале и грчките полициски сили.
Сите опозициски партии во земјата строго ги осудија инцидентите и отсуството на грчките власти во целата ситуација, со барање владата да се повлече бидејќи уште еднаш покажала дека не е достојна да се справи со предизвиците пред неа.
