(ВИДЕО) Демонстрантите пред Владата ги обоија сликите на Груевски и на Иванов

од Vladimir Zorba
117 прегледи

Балоните со боја на „Шарената револуција“ вечерва ги обоија лицата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

13084088_1598738347107937_2067593942_n-860x680

Големи транспаренти со контурите на ликовите на двајцата функционери беа поставени на оградата пред Владата. Демонстрантите, откако ги обоија лицата, фрлајќи балони со боја, на транспарентот со ликот на Иванов со спреј испишаа „Готов си“ и поставија слика од фикус, додека на Груевски покрај „Готов си“ додадоа и „Шарена револуција“. Веднаш потоа, дел од демонстрантите пред самите „мети“ извадија фотографии од Иванов и ги запалија.

Додека траеше боењето и палењето на фотографиите, демонстрантите извикуваа „Никола на робија“, „Не ти гине затвор Никола“ и „Оставка“. Протестот и денеска почна во 18 часот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, од каде се упатија кон Собранието. По повод 111-годишнината од смртта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, демонстрантите положија свежо цвеќе пред споменикот пред Собранието.

Пред насобраната маса се обрати активистката Дороти Пацкова, која на контрадемонстрантите им порача дека секој има право да се бунтува, да ги руши неправдите и да гради посветла иднина.

– Ние не местиме образи за „шамарање“, живи сме и сакаме да се живи и нашите деца – рече Пацкова.

Обраќање имаше и претседателот на СДММ, Стефан Богоев, кој порача дека „Шарената револуција“ ќе остане запаметена по промените, а Порта „Македонија“ ќе стане паметник и потсетник за идните власти дека не смеат да го пљачкаат народот.

– Да може Груевски да го слушне и да го почувствува тоа што јас го слушам, веднаш ќе си ги спакува парталите и ќе замине таму каде што им е местото на криминалците – рече Богоев. По протестот пред Собранието, демонстрантите се упатија кон зградата на Владата, а минувајќи по мостот Слобода, поставија транспарент со порака „Јас сум Слобода, имам ограда од 2.000.000 евра. А што имаш ти?“

На вечерашниот протест, кој заврши пред Владата, демонстрантите им порачаа на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Чавков, и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека не се плашат што ги снимаат и ги апсат, затоа што со тоа ги прават само посилни.

Протести против аболицијата денеска се одржаа и во Велес, Битола, Прилеп, Радовиш, Струмица, Кичево, Охрид и во Кавадарци, кои минаа мирно без инциденти.

Освен протестите, кои се дел од „Шарената револуција“, во Кичево, Охрид и во Кавадарци се одржаа и протести на приврзаниците на ГДОМ. Тие бараат изборите да се одржат на 5 јуни и со тоа државата да излезе од политичката криза./извор Мета

Слични содржини