Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за агенцијата „Бета“, што го пренесе српскиот јавен сервис РТС изјави дека Договорот од Пржино може да се реафирмира и дека до октомври може да се подготват услови за фер и демократски избори. Заев рекол дека опозицијата предводена од неговата партија ќе победи на изборите.
– Анкетите покажуваат дека опозицијата води во Македонија, ние сме прворангирана партија, но секако треба да имате предвид дека живееме во режим кој ги контролира и граѓаните и им прави огромен притисок и затоа веруваме дека процените во анкетите се многу поголеми во корист на СДСМ – изјавил Заев.
Заев истакнал дека предуслов за продолжување на политичкиот договор за решавање на политичката криза е повлекувањето на сите аболиции кои ги даде претседателот Ѓорге Иванов.
– Веруваме дека во летниот период ќе биде јасно дефинирано како да излеземе од кризата. Летото во секој случај нема да биде спокојно и мирно. Се зависи од тоа што ќе се случува до крајот на јуни – рече Заев.
МОДЕМ: Канал 5 ,Сител, Алфа и ТВ Нова ја демонизираат Шарената револуција и СЈО
Заев рекол дека во Македонија се води гандиевска борба со цел граѓаните да покажат дека режим може да се бутне и без човечки жртви.
– Граѓаните во Македонија веќе не се плашат како порано. Доаѓа време во кое граѓаните се се похрабри. Дури и членови на ВММРО-ДПМНЕ го чекаат ослободувањето на Македонија – , вели Заев.
Лидерот на СДСМ додал дека неговата партија ја поддржува „Шарената револуција“ бидејќи сметаат дека граѓанските организации треба да имаат сериозна улога во македонското општество.