Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објавува петтиот месечен извештај од следењето на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 16 април до 7 мај 2016 година.

Еве што стои во соопштението на МОДЕМ во однос на извештајот:

медиуми

Најрелевантната тема во медиумското известување во овој период беа протестите на граѓанското движење „Протестирам“. Начинот на кој провладините телевизии известуваа за протестите го потврдува феноменот „протестна парадигма“, односно известувањето на медиумите за различни социјални протести е често насочено кон дискредитирање и маргинализирање на протестните дејствија или пак кон промовирање и фаворизирање на едната страна односно демонизирање и деградирање на другата страна во социјалниот конфликт. Колку повеќе социјалните протести се насочени кон промена на општествените услови, норми и политики толку понегативно тие ќе бидат претставени од медиумите. Ова е особено засилено во системи во кои медиумите се под силна политичко-идеолошка контрола.

Главната комуникациска стратегија на владејачката партија има за цел да ги замолкне, делегитимира и демонизира сите критички гласови, почнувајќи од најсилните кои доаѓаа од секојдневните собирања на граѓаните мобилизирани во Шарената револуција, до оние на претставниците на меѓународната заедница. И во овој период се чини дека „стравот“ на структурите на моќ од дејствијата преземени од Специјалното јавно обвинителство предизвика оваа институција да е предмет на најсилни напади и дискредитации.медиуми-инфомакс-2xzx6orj7i1nscxt6ak9og

Ако е против власта, не е ниту граѓанско, ниту народно – Телевизиите со провладина ориентација (Сител, Алфа, Канал 5 и ТВ Нова), во врска со движењето „Протестирам“ и протестите од Шарената револуција, упорно и синхронизирано ја повторуваа фразата „хулиганите на СДСМ и на Сорос“. За разлика од тоа, контрапротестите на движењето ГДОМ беа нарекувани „граѓански“ и собири на „народот“. Од друга страна, неутрално-критичките телевизии многу поретко известуваа за собирите на ГДОМ и почесто за протестите од Шарената револуција. МРТ на своите два сервиси известуваше информативно и балансирано за двете движења.

Релативизирање на повиците на меѓународната заедница за поништување на аболицијата и за решавање на кризата – Известувањето за политичката криза беше интензивно и вклучуваше прилози што се однесуваа на подготовките за избори, аболицијата, економските последици од политичката состојба, како и за ставовите и за активностите на меѓународната заедница како обиди да најдат решение за внатрешните политички проблеми. Провладините телевизии интензивно пренесуваа и мислења на поединци-европарламентарци, актуелни или поранешни политичари, или претставници на неформални политички организации, кои изразуваа целосна поддршка на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се создаде слика дека нема единствен став на меѓународната заедница во врска со случувањата во Македонија.

Нема граници во демонизирањето на СЈО – Специјалното јавно обвинителство од провладините медиуми беше обвинувано за смртта на Коста Крпач, кој беше на листата на аболицирани, а од СЈО тврдеа дека им бил сведок, а не осомничен.

Заклучоците и согледувањата изнесени во овој извештај се добиени врз основа на квалитативна анализа на 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21).

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ)“, кој има за цел да утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди во известувањето за политичките актери утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и во кодексите на меѓународните организации во текот на предизборниот период.

Тука можете да го најдете целосниот петти месечен извештај.

Слични содржини