Сосема поинаква „Долга, темна ноќ“

од Vladimir Zorba
124 прегледи

Наоѓањето на оригиналното сценарио на класичен воен филм од 1980 година, покажува како режисерот, Антун Врдољак, го прилагодил филмот кон времето.

 

Сцена од филмот. Фото: Јутјуб

Сценариото завршува вака: „Траги од развратна пијана ноќ излегоа пред неговото лице, а Јозеф, Шницигер и Ана лежат пијани и голи … Тој (Ханс Сулка) ја крева автоматската пушка и вика: ‘Јозеф! Јозеф!’. Сликата од неговото лице застанува во стоп кадар. Во тој момент се слуша рафал од автоматска пушка…Сè трае долго“.

На овој начин се сетивме на последната сцена од филмот „Долга, темна ноќ“, мега хит на вечниот Антун Врдољак, ретка режисерска птица, кој на филмови за Втората светска војна работеше и пред и по 1990 година. Врдољак, кој денес има 85 години, е познат режисер од југословенскиот период, во кој создаде бројни филмови за Втората светска војна и партизанското движење.

Но, Вие можеби поинаку се сеќавате на крајот на филмот.

Во него се прикажани „двата тоталитарни режими, и злосторствата на германските нацисти и злосторствата на партизаните (но не и злосторствата на усташите), како и комунистичките злосторства по војната и протерувањето на фолксдојчерите (југословенски Германци) и Голи оток.

Можеби се сеќавате на сцената во која таткото Алојз Шмит, а не Ханс Сулка, го убива синот Јозеф, а која се наоѓа во средината, а не на крајот на филмот, како во цитираното сценарио.

Проблемот е во тоа што никогаш не сте го погледнале оргиналниот филм што Врдољак сакал да ги сними во 1980 година.

Имено, во хрватскиот државен архив во кутијата број 1408 на Собранието на Социјалистичка Република Хрватска, СР Хрватска, го откривме оригиналното сценарио за овој филм, кој Врдољак во 1980 година го напишал заедно со источногерманскиот писател Волфганг Хедл.

Хедл, кој почина во 2014 година, е автор на голем број филмски сценарија во поранешната Германска Демократска Република, ГДР, позната по својот ригиден комунистички режим. До соработката со Врдољак дошло како дел од копродукцијата меѓу филмските компании Адриа филм од Загреб и источногерманската Дојче Филм Акцингелселшафта, ДЕФА.

ДЕФА била подготвена да инвестира 20 милиони динари (околу 18 милиони евра), бидејќи сценариото било фокусирано на првиот антифашистички одред на Германците кои се бореле против нацистите. Одредот бил формиран од фолксдојчери, во август 1943 година, во Слатински Дреновац и го носел името на Ернст Талман, лидер на германските комунисти, кого нацистите го затвориле во 1933 година, а го погубиле во 1944 година.

Адриа филм и Врдољак биле заинтересирани за снимањето на филмот и исправање на историската неправда кон фолксдојчерите, кои почесто беа поврзувани со антиподот на телмановци, СС дивизијата „Принц Еуген“.

Но, им фалеле три милиони динари (2,8 милиони евра), за „затворање на финансиската конструкција“. Затоа, во август 1980 година, се обратиле до Комисијата за одбележување на настани и личности од револуцијата и Народноослободителната борба, НОБ, на Собранието на СР Хрватска.

Насловната страница на сценариото и молбата за финансирање на филмот. Фото: Свен Милекиќ

Пред да го побараат својот дел од финансиското колаче, по повод 40-годишнината од антифашистичкото востание, тропнале на вратата на чуварите на револуцијата – Сојузот на борците од НОБ (СУБНОР).

„Републичкиот комитет на хрватскиот СУБНОР смета дека овој проект, кој зборува за формирањето и делувањето на единствениот воен одред од германска националност, кој во Втората светска војна се борел против Хитлер во окупирана Европа, заслужува општествена и финансиска поддршка“, пишува во писмо за поддршка на СУБНОР, испратено до собраниската комисија во септември 1980 година, со пријателски поздрав и барање, кога ќе се разгледува молбата, да биде земено предвид нивното позитивно мислење.

И покрај аминувањето од СУБНОР, собранието, во јуни 1981 година, имја ускрати финансиската инјекција „со сите напори и добри желби да им помогне во овој проект“. Добра волја имаше, но собранието сите расположиви средства веќе ги имало распределено на бројни објекти и програми за чествување.

На затворањето на финансиската конструкција Врдољак мораше да чека до 1999 година, кога тогашниот министер за култура од редовите на ХДЗ, Божо Бискупиќ, го поддржа филмот, а што подоцна го птврди и Владата на Социјалдемократите на Хрватска.

„Долга темна ноќ“ го виде големиот екран во март 2004 година. Навистина беше штета, бидејќи оригиналното сценарио, за разлика од сценариото на филмот реализирано по 24 години, навистина ја фокусираше приказната на фолксдојчерите и на нивната погубителна антифашистичка борба, која ја преживеале само десетина од стотици борци на одредот.

Поради некоја причина, „Долга, темна ноќ“, во 1980 година, се фокусираше на Германците како главни ликови, додека во втората верзија, во преден план беа бутнати Хрватите, Евреите, па дури и Србите (третите исклучиво како негативци).

Така, во оригиналната верзија на филмот, го нема вистинскиот антитоталирст, Хрватот Иван Иво Колар, ниту пак неговите морални и антикомунистички родители, Лука и Кате. Во оригиналната верзија ја нема ниту неговата, малку промискуитетна атеистичка жена Вера, ниту нејзиниот брат Јоко, за кои во филмот се наговестува дека се барем половина Срби. Никаде во оригиналната верзија не се појавува ниту најдобриот пријател на Иво, „Хрват, а не усташа“, усташкиот војник Матија Мато Чачиќ.

Улогата на еден од главните ликови во реализираниот филм, на партизанскиот командант Шпанец, произлегува од многу помалата улога на партизанот Матија. Во оригиналот свое место немаше ниту партизанскиот убиец Брко од подоцнежната верзија, ниту пак главниот негативец Мајор, а уште помалку српскиот наредник (или што би рекла Ката ‘четнички’).

„Еднаш џандар, секогаш џандар“, како што во филмот вели овој лик.

Писмото на поддршка на СУБНОР и негативниот одговор од собраниската комисија. Фото: Свен Милекиќ

Во оригиналот нема сцени од Загреб, ниту половични реконструкции на историските настани, како што е прозивката на еврејските студенти (иако навистина биле прозивани и еврејските и српските студенти) на Универзитетот во Загреб, на стадионот Максимир во 1941 година.

Првата верзија завршува со мачна сцена на убиство на сопственото дете, за да се запре и да се спречи поголемо зло, додека втората верзија овој настан го третира како уште еден драмски момент, но секако не и како најголем.

Иако дијалозите меѓу ликовите најчесто се пренесени од првото во второто сценарио, во реализираната верзија гледавме уште еден цел низ на настани и конфликти, по попатното убиство на синот. Во филмот од 2004 година, се случува и партизанската победа, и стрелањето на усташите, и спасувањето на усташот Мате, средбата на Иво со родителите, се спомнува „револуцијата што ги јаде своите деца“, и предавството, и Голи оток, и враќањето дома.

За да дознаеме зошто новата верзија доживеала тектонско пореметување, телефонски го побаравме Врдољак, за да ни објасни.

Ни рече дека оригиналното сценарио не било реализирано поради незадоволство на германските копродуценти, и дека сценариото на реализираниот филм е поинакво, бидејќи поради делувањето на имагинацијата во даден момент, најверојатно, по 20 години, филмот повторно би бил поинаков.

Тој ни цитираше песна од Тин Ујевиќ, а потоа заклучи дека, всушност, не сака да коментира за тоа.

Значи, Врдољак сака да веруваме дека имагинацијата случајно го сменила сценариото, толку многу што еден филм кој во целост требаше да ги афирмира антифашистичките и комунистички вредности, стана жесток антикомунистички филм, во кој сите разлики помеѓу усташите и партизаните се избришани, а притоа публиката во него гледа само партизански злосторства.

Ретко кого Врдољак ќе убеди дека токму случајно неговиот филм во двете сценарија, се вклопува во дадените политички парадигми и владеачки идеологии.

Бидејќи Врдољак не беше тој кој што, во чувствителните 80-ти години, кога почина Јосип Броз Тито, ги отвораше југословенските табу теми и ја раскажа приказната за судбината на фолксдојчерите по војната, приказната за Голи оток, или за усташите со човечки лик, кои им помагаа на антифашистите и не вршеа злосторства.

Тој овие теми ги обработи 24 години подоцна, кога тоа стана опортуно, како што во 1980 година беше опортуно меѓу фолксдојчерите да се слават комунистите.

Во 1999 година, за време на владеењето на ХДЗ на Фрањо Туѓман, Врдољак го прекрои сценариото, така што за поголемиот дел од злосторствата се обвинуваа ликови со српско потекло (без оглед на тоа дали беа партизани, четници или џандари), а злосторствата на профашистичката Независна држава Хрватска, НДХ, врз Србите, воопшто не се споменува, туку само оние врз Евреите, кои во неговиот филм ги извршиле домашните и странски Германци, а не Хрватите и усташите.

Најдобро неговиот филм го опиша критичарот Дамир Радиќ, нарекувајќи го „замаскиран четвороред“ на Јаков Седлар. Не само што беше прекроен за потребите на изградба на тогашниот наратив на Туѓман за сехрватско помирување, туку се вклопува и во сегашната приказна на ХДЗ и претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, во нивната осуда „на двата тоталитарни режими“.

„За мене ова е дефинитивно мојот омилен филм, бидејќи првиот филм што го работев беше без никаков компромис, никој не можеше да каже: ‘ова не може, ова може’“, рече Врдољак на промоцијата на филмот во 2004 година, како уште тогаш некој да го прашал за менувањето на сценариото.

А во тоа е и суштината. Не само што никој не му кажал ‘ова не може’, туку никој и не морал да му каже. Врдољак во повеќедецениското делување, разви одличен ‘нерв’ за препознавање и вклопување во било која политичка ситуација.

Помеѓу оригиналното сценарио од 1980 година и реализацијата на преработениот филм во 2004 година, се распаднаа и Југославија и ГДР и социјализмот и комунизмот. Се сменија и режимите и интерпретациите за историските настани, валоризацијата на хероите и злосторниците (партизаните и усташите), сѐ се преврте наопаку, освен Врдољак и неговото создавање. Тој остана прилагодлив кон режимот, без оглед на тој кој режим во тој момент владее./balkaninsight.

…………………..

Текстот е првично објавен на интернет страницата на „Новости“.