Македонија, сместена во најромантичната приказна на Браќата Грим, пак ќе гравитира околу огледалото кое рефлектира очигледен реалитет, кој предизвикува потреба од уништување низ еднодимензионалниот принцип на морално преиспитување со целосно деградирање за постоењето на Другиот. Потврдата на владејачките елити дека најдоброто е направено во општествен контекст, го надополнува гнилежот на веќе создадената матрица на распаѓање кое нема за цел повторно да му овозможи раѓање на „Фениксот“.

Осудувањето на малоѓранскиот принцип, не секогаш е во насока на себеподобрување, туку служи за ширење на елитистичкиот цинизам, кој ја овозможува површната ароганција, и создава нови групирања што го разнишуваат принципот на хармонизација. Крајниот рационализам, конзумеризам, хиперпродуктивност, себепромоција во јавниот простор е свртено кон градење на индивидуата, која се топи во урбаното градиво на моделираниот современ човек, како крајно убедена честичка во алузијата на „правилното“, наметната од агитаторските култури.
Жан-Франсоа Лиотар, со дефинирањето на концептот за Постмодерната, причините за облиците на општествениот развој ја бараше во информатичкото општество и академизмот како и начините со кои овие системи ќе влијаат на прогресивните општествени ќелии.
„Располагањето со информациите е и ќе биде во надлежност на експертите од секаков вид. Неа веќе не ја сочинуваат традиционалната политичка класа, туку еден композитен слој сочинет од директори на претпријатија, високи државни службеници, раководители на големи професионални, синдикални, политички, верски организации“, пишува Лиотар обидуваќи да ја постави клучната точка за развојот на посмодерната перспектива. Се работи за крајно распределена, системски осмислена матрица на контрола.
Оттука, низ апсурдистичкиот контекст на Семјуел Бекет во романот „Неименливото“ се реконструира меценскиот импакт врз подредениот.
„Сакам да бидеш добро, ме слушаш?“ тоа е она што цело време го повторува. А јас одговарам со почит: „И јас, ваше господство“. Му го велам тоа за да го расположам, звучи толку несреќно. (Добродушен сум ,на површината). Не, не ние не разговараме, тој не ми упатува никогаш ниту збор. Во крајна линија, тој немал среќа. Секако дека тој мене не ме избрал, човек никогаш го нема робот што му треба“, оваа алузија за грижата на надредените е најсмелиот обид во деконструкција на човековиот еквилибриум, кој е во лажниот круг на реализирањето на човековите потреби и амбиции, сведени во хранење на авторитетните потреби, преку кој потчинетиот ја купува довербата како единствена можност за чувство на вредност. Можеби, затоа Бекет на еден крајно храбар начин, ни ја фрла пред нос лажната етика, во моментите на инфинитив. Никогаш нема идеални робови, но секогаш совршени поседувачи е освестувачката порака која човекот го следи до хадовското заоѓање.
Човекот, воопшто, целосно е растргнат од системите на контрола. Покемоновскиот наивен обид за трошење на времето, узурпирање на јавниот простор и претопување во колективна матрица на подреденост е предизвикот кој тешко ќе биде надминат без соочување.
Вероника Камчевска
Препорака за филм: