Родоначалници на Олимписките игри се древните Египќани, а не Грците, како што е вообичаено да се смета. Ова го изјави во интервју за електронското издание “Ал Ахрам” Ахмед Дијаб, специјалист по хиероглифи во австрискиот универзитет во Клагенфурт.
“Постојат археолошки факти кои потврдуваат дека Египќаните биле пионери во ова дело”, изјави Дијаб. Научникот раскажа дека во јужниот египетски град Ел-Минја се задржани фрески во гробница, на кои се прикажани спортските натпревари на древните Египќани. Тие можат да бидат дефинирани како прототип на Олимписките игри.
Поконкретно на цртежите се гледаат следниве спортски дисциплини: борба, бокс, стрелаштво, атлетика и пловење. Гробницата датира од ерата на 11 и 12-та династии од Средното Царство, кои управувале во периодот 21-18 век пред новата ера. Според египтологот археолозите утврдиле дека древните Египќани играле и разни игри со топка.
Притоа еден од најважните квалитети за египетскиот цар е вештината брзо да бега. “Ова ја натерало царицата Хатшепсут да направи фреска во храмот во Луксор, која ќе ги докаже нејзините успеси во трката”, рече Дијаб.
Денес се смета дека современата цивилизација почива на постигнувањата на Античка Грција, но “грчката цивилизација со сите нејзини успеси има подлабоки корени – тоа е египетската цивилизација”, категоричен е научникот.