Литванија веќе си има цел вештачки град, во кој нејзината армија ќе вежба водење на партизанска војна во градски услови, соопшти Франс прес.
На отворениот во вторникот воен полигон, кој се простира на 15 хектари површина, има училиште, стадион, трговски центар, 26 двокатни згради, црква и полициска станица. Цената на проектот е пет милиони евра.

“Во овие услови нашите војници ќе се обучуваат како да ја бранат подобро земјата и да го одвратат непријателот”, изјави литванскиот министер за национална одбрана Јуозас Олекас.
На влезот на градот е поставена плоча со натпис “Вилнус”, како што се именува и престолнината на балтичката земја, членка на ЕУ и НАТО, со население од 3 милиони луѓе.
Литванија го зголемува значително буџет за одбрана по анексијата на Кримскиот полуостров од Русија во 2014 година. Следната година буџетот ќе изнесува 725 милиони евра или 1,79 проценти од бруто домашниот производ.

Вознемирена од тековниот воен конфликт во Украина, Литванија воведе минатата година делумна воена служба.
На самитот на НАТО во Варшава во почетокот на јули НАТО одлучи да распореди четири мултинационални баталјони во балтичките држави и во Полска. Воената единица во Литванија ќе биде под команда на Германија.