Како и многу бегалци во Германија, и Џафаар Халчуест вели дека е разочаран колку многу време одзема обработката на неговите документи за да може да се вклучи на пазарот на трудот и да започне да си гради нов живот во најголемата европска економија.
– Сакам да работам и да учам, а не да спијам и да безделничам, рече 23-годипниот ирачанец компјутерски техничар.
Но германската бирократија е обременета со обработката на 500,000 молби за азил, кои се натрупаа откако канцеларката Ангела Меркел пред една годна ги отвори границите за мигранти.
Медиумските информации дека некои мигранти извршиле сексуални напади и допирале жени на новогодишната ноќ во западногерманскиот град Келн, може да го помрачат наследството кое ќе го остави Меркел како канцелар.
Серијата терористички напади во јули во Германија и на руги места низ Европа, заедно со притисокот да се обработуваат побрзо молбите за азил, предизвикаа нови критики кон Меркел за начинот на кој се справува со бегалската криза.
Како резултат на тоа, рејтингот на Меркел нагло опадна, и се појавија тензии во политичката коалиција предводена од нејзиниот Христијандемократски сојуз.
Вицеканцеларот и министер за економија, Зигмар габриел, се приклучи кон повикот на лидерот на сојузниците од баварскиот христијансоцијален сојуз, Хорст Зехофер, да се наметне ограничување на бројот на новористигнати мигранти. Тој рече дека канцеларката го потценила обемот на неопходните напори за интеграција.
-Се разбира, има нешто такво како горна граница и тоа во краен случај е интегративниот капацитет на земјата, рече Габриел во телевизиско интервју во неделата вечер, кој е лидер на Германската социјалдемократска партија.
Меркел донесе мерки за заострување на безбедноста и построги закони за барање азил во обид да ги смири стравовите во јавноста од терористички закани, и да ги одбие критиките за начинот на кој се справува со бегалската криза.
Во однос на интеграцијата, постојат уште можности за подобрување на вработеноста меѓу бегалците. Минатиот месец во Германија беа регистрирани околу 322,000 бегалци кои барале работа, во момент кога има 673,889 слободни работни места и 172,224 места за обуки.
Над 30,000 бегалци веќе си нашле работа во ресторани, градежниот сектор, па дури и во хуманитарни организации во Германија.
– И покрај овие резултати, за бегалците можеби е тешко да си најдат добра работа во Германија, смета економистот Јорг Кремер од Комерцбанк. „Во последниве неколку месеци забележуваме знаци дека можностите за ангажирање на бегалци од неевропски држави се ограничени. Освен непознавањето на јазикот, доста голем дел од бегалците немаат ниту основно образование“, објасни тој.
Затоа многу од најголемите германски компании, како што се осигурителната Алијанц, хемискиот гигант БАСФ, инженеринг конгломератот Сименс и автопроизводителите Фолксваген и Бе-Ем-Ве, не брзаат да вработат бегалци.
Меркел пак свикала за овој месец средба на врвот со водечки германски бизнис лидери, на која планира да ги убеди да ангажираат повеќе бегалци.
ДПА – Хамбург