Транспарентност: Државни службеници во Управниот одбор на Агенцијата за филм, но никој не го гледа судирот на интереси

од desk3
139 прегледи

Поминаа веќе 30 дена откако Државната комисија за спречување корупција ја доби информацијата за постоење на класичен судир на интереси по изборот на членовите на Управниот одбор на Агенцијата за филм на Република Македонија. Од петте члена на Управниот одбор, четворица се државни службеници, што е спротивно на Законот за спречување судир на интереси.

 

mkd-282352

Транспарентност Македонија на 5 август годинава до Државната комисија за спречување корупција испрати информација за постоење на судир на интереси.

Владата за членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм на Република Македонија ги именува за претседателка Ирена Димовска, а за членови Марија Влашчева, Стојанчо Радичевски, Роберт Јанкуловски и Гуле Гулев.
Според Законот, Управниот одбор на агенцијата го сочинуваат претседател и 4 члена од кои еден се именува од редот на истакнати поединци од областа на филмската дејност, еден по предлог на Асоцијацијата на филмски здруженија или Стопанската комора, која ги застапува филмските продуценти, двајца од редот на дипломираните правници и еден од редот на дипломираните економисти.
Според Законот за спречување на судир на интереси (член 18), службено лице не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други организациски облици со доминантен државен капитал, освен таму каде што е утврдено со закон. Службено лице, според истиот закон (член 3), е и државен службеник и вработен во органите на државната управа.
Ирина Димовска е вработена во Министерството за култура, Марија Влашчева, Стојанчо Радичевски и Гуле Гулев се државни службеници вработени во Владата на Република Македонија, пишува во информацијата на Транспарентност Македонија.

„Наведените лица согласно со Законот за спречување судир на интереси имаат судир на интереси вршејќи две функции истовремено, спротивно на законот. Согласно своите надлежности утврдени со закон молиме ДКСК да го утврди постоењето на судирот на интереси“, бара Транспарентност Македонија.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата не добивме никаков одговор на нашите прашања за овој случај, а од Агенцијата за филм велат дека именувањето на членовите на Управниот одбор е работа на Владата и дека тие со тоа немаат никаква врска./Либертас