Да се стави крај на економската глобализација, луѓето да имаат повеќе одмор, работните примања да не се оданочуваат и да има повеќе правда наместо неолиберализам – така Римскиот клуб ја гледа иднината на светотпишува DW.

Станува збор за 12 делумно радикални предлози упатени кон индустриските нации. Предлозите не се од кого да е: Уште во 1972 година, Римскиот клуб објави извештај “Границите на растот”, кој му донесе светска слава. Во клубот членуваат бизнисмени, индустријалци, научници и други познати личности. Од 2012 година наваму, германскиот научник Ернст Улрих фон Вајцзекер е претседател на клубот со седиште во Швајцарија.
Перење на мозоци преку неолиберализам
Двајцата автори на извештајот, кој ќе излезе и како посебна книга, Јорген Рандерс и Греам Макстон тврдат дека по 30 години глобализација и економски раст, ситуацијата во светот е влошена. Милиони луѓе ја загубиле работата, а ножицата меѓу богатите и сиромашните се отворила уште повеќе. Во оваа врска Макстон повикува на промена на системот. Економски систем, кој се залага за постигнување на поголем прираст, не е решение, туку причината за проблемите, тврди тој. Според него, сето тоа се должи на неолиберализмот, со кој трајно биле измиени мозоците на мнозина.
За да се оствари промена на системот, според двајцата автори, е потребно да се исполнат голем број барања кои тие се сумирани во книга со наслов: “Еден процент прираст е доволен”. Многу од предлозите не им се нови – на пример барањето за пакет со мерки, стимулирачки деловни конјуктури, повисока возраст за пензионирање, повисоки кориснички даноци или инсистирање за гарантиран основен приход. Некои од предлозите сепак се радикални – пример инсистирање за семејна “политика на едното дете” и повеќе одмор.

Еве дел од конкретните предлози на Римскиот клуб:
1.По повисоки даноци за фосилните енергенси како кафеав јаглен и промовирање на алтернативните извори на енергија, со цел заштита на климата.
2. Субвенции за оние работници кои се принудени да ја сменат професијата за време на еколошката трансформација.
3. Реформа на даночниот систем, па не да се оданочуваат работничките приходи, туку потрошувачката на енергија суровини, со цел намалување на штетните влијанија врз животната средина. Зголемување на цените на авио билетите и на греењето.
4. Силно зголемување на данокот за наследство, за да се намали нееднаквоста во општеството и да се зголемат државните приходи.
5. Повеќе одмор за работниците, а дополнителното слободно време да се користи за повеќе рационална распределба на работата.
6. Загарантиран основен приход за оние кои најсилно треба поддршка – возрасните, децата и невработените.
7. Зголемување на возраста за пензионирање до 70 години, со цел луѓето подолго време да можат сами да се грижат за себе.
8. Повисоки даноци за богатите и фирмите, за да има повеќе правична распределба на добивката, особено со оглед на роботизацијата.
9. Ограничување на наталитетот преку “политика на едното дете”, за да се намали прирастот на светското население.
10. Нова дефиниција на “платен труд”. Кон него треба да спаѓа и грижата за постари и болни членови на семејството.
11. Засилени позициите на синдикатите со цел зголемување на приходите и намалување на невработеноста.
12. Ограничување на трговијата, таму каде што се загрозени работни места.
Западниот начин на живот не е образец за земјите во развој
Германскиот министер за проблемите на земјите во развој Герд Милер ја претстави книгата на Римскиот клуб во Берлин и изјави дека според него авторите се произнеле не за намалување на економскиот раст, туку за промена на неговиот карактер. Тој, сепак, во принцип се согласува со нивната анализа дека светот се наоѓа на “глобален крстопат”.
Герд Милер изрази оптимизам за идниот развој на Германија и цела Европа. Аргументите се: има доволно иновации и технологија, со чија помош може да се реши светскиот проблем со глад. “На Земјата има место за десет милијарди луѓе, но само под услов што економскиот раст станува независен од потрошувачката на ресурси”, вели Герд Милер. Западниот кориснички модел со “нашите автомобили и нашиот начин на живот” – не може да биде модел за поддршка на Индија или Африка, бидејќи се користат премногу суровини и енергија, додаде тој. Министерот сепак не одговори на прашање од публиката зошто сака да ги заштити луѓето во Индија и Африка од подобар начин на живот каков што е запад.
Раѓање помалку деца!
Римскиот клуб е институција која не е непобитна. Некои негови критичари обрнаа внимание на фактот дека сегашниот економска систем не успеа насекаде. Милиони луѓе во светот се ослободија од апсолутната сиромаштија. Некои веќе се дел од средниот сталеж, како што покажуваат примерите од Кина и Индија. Најостра критика пожнеана предлогот на Римскиот клуб за семејна “политика на едно дете”, која, според авторите на извештајот, би требало да биде промовирана во индустриските земји. Јорген Рандерс го опрацдува предлогот со тоа што едно дете од индустриска држава троши 30 пати повеќе ресурси во споредба со едно индиско дете. Затоа Западот требало да даде пример и да положи грижи за ограничување на наталитетот. Тој се изјасни дури за воведување на парична премија за жените кои раѓаат само по едно дете.

Како министер Милер планира да го намали разликите меѓу сиромашните и богатите земји во светот? Тој рече дека помошта за развој треба да се зголеми, а сегашната глобализирана слободна трговија да биде заменета со фер трговски модели кои нудат фер плати и фер пристап до пазарите. Според него, земјите во развој имаат потреба од повеќе иновации и подобра образовна политика. Министерот Милер го поздрави извештајот на Римскиот клуб и рече дека секакви конкретни предлози за решавање на проблемите се “добредојдени”, бидејќи предупредувањата за претстојната апокалипса не помагаат никому.