Случај Младиќ: Трибуналот одби да ги разгледа наводите за пристрасност

од desk3
87 прегледи

Хашкиот трибунал одби да го разгледа барањето на одбраната на воениот командант на Војската на Република Српска, ВРС, Ратко Младиќ, во кое се бара прекинување на постапката што се води против него, поради „системска пристрасност“ на судот-пишува БИРН Белград

Ратко Младиќ во судница на МКТЈ. Фото: Бета

Претседателот на Хашкиот трибунал, судијата Кармел Агиус, во среда изјави дека нема да го разгледа барањето, бидејќи адвокатите на Младиќ не ја навеле „правната основа“ за прекинување на постапката.

Агиус додаде дека нема „ниту една нерешена жалба (на одбраната на Младиќ) во врска со наводната пристрасност“.

Одбраната на Младиќ, во средината на јули оваа година, побара суспендирање на постапката против поранешниот командант на ВРС во Хашкиот трибунал, заради „системска пристрасност“.

Одбраната побара судењето да се прекине и да се формира работна група на Советот за безбедност на Обединетите нации, која во рок од три месеци ќе подготви извештај за тоа, дали на Младиќ му се прекршени правото на фер судење и пресумпцијата на невиност.

Одбраната посочи дека членовите на Судскиот совет, Алфонс Орие и Кристоф Флуж, како и самиот Агиус, претходно усвоиле заклучоци за вината на Младиќ, со што се оневозможува правичното судење.

Адвокатите на Младиќ, како пример наведоа претходно донесени пресуди на Хашкиот трибунал во врска со Сребреница и Сараево, во кои биле вклучени Агиус, Орие и Флуге.

Во пресудите за Сребреница, Младиќ е именуван како член на здружен злосторнички потфат, кој имал за цел убиство на военоспособните мажи Бошњаци.

Одбраната негодуваше и поради тоа што Теодор Мерон, претседател на Механизмот за меѓународни трибунали, кој ќе ја води жалбената постапка во случајот на Младиќ, изјавил дека поранешниот генерал е виновен.

Адвокатите на Младиќ тврдат дека Мерон изјавил оти „Трибуналот нема да ја смета својата работа за завршена, сѐ додека Караџиќ и Младиќ не бидат изведени пред лицето на правдата“.

„Јасно е дека не постои презумпција на невиност за обвинетиот пред овој Трибунал. Освен поништување на постапката, единственото можно решение е траен прекин на постапката, поради сериозни повреди на човековите права“, се вели во поднесокот на адвокатите.

Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кој во неколку општини достигнал ниво на геноцид, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Завршните зборови се закажани за декември оваа година.