Во рамките на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“, во недела (25 септември) во Даут пашиниот амам со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи пијанистката Дуња Иванова.
Оваа година „Европски денови на културното наследство“ ќе опфати повеќе категории на уметноста и воопшто на културата, а меѓу нив е и солистичкиот концерт под наслов „A Part of Glass“, на кој пијанистката Дуња Иванова ќе изведе композиции од современите композитори Арво Парт, Филип Глас и македонската композиторка Ана Пандевска.
Современата европска музика одамна изненадува со новини и радикални решенија што ги надминуваат границите на очекуваното. Многу често таа се базира на звуци ставени во хармонски или аликвотни целини што ѝ даваат нова наративна структура. Во Македонија уште одамна се следат тековите во современата европска музика и иновациите имплементирани од Карлхајнц Штокхаузен, Ѓерѓ Лигети, Лучиано Берио, Пјер Булез, Хенрик Горецки и други. Во оваа пригода ќе бидат изведени дела на Филип Глас и Арво Парт, едниот познат по својот лиричен минимализам, а другиот по духовниот сензибилитет проткаен со сакралната музика од источноевропските земји. Меѓу овие колоси на современата класична музика ќе биде изведено и дело на младата македонска композиторка Ана Пандевска којашто често ги комбинира органските хармонии со синтетизирани звуци и амбиентални снимки.
Д-р Дуња Иванова (1985, Скопје) е автор на книгите „Естетското доживување на музиката“, што претставува нејзин магистерски труд на Институтот за филозофија и „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“, која наедно е докторска дисертација на авторката. Иванова докторатот го одбрани минатата година на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на проф. д-р Иван Џепароски. Наедно, Дуња Иванова магистрира и на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010). Особено значајни се нејзините рецитали кои што изминативе години ги одржа, посветени на авторите претставници на модерната класична музика, како Збигњев Прајснер, Арво Парт, Филип Глас, Руичи Сакамото и Лудовико Еинауди.