Појавата на Демократската алтернатива на Васил Тупурковски на нашата турбулентна политичка сцена беше метеорска. Згасна по ист начин, метеорски. Образувана на година или две пред парламентарните избори во 1998., и појде од прва да влезе во Парламентот. Даде и спикер за Парламентот (С. Климовски) како и министер за правда (В. Камбовски) во владата на Љупчо Геориевски. Тој си поднесе оставка по аферата фалсификувани избирачки легитимации.

Шефот на ДА Тупурковски си задржа за себеси една Агенција за инвестиции (или развој) со „тајванската милијарда.“ Таа милијарда, харпун кој се заби во срцето на гладниот и прекрасно наивен кит-електорат, требаше да дојде во Македонија во замена за признание (од наша страна) на Тајван. Во режија на Тупурковски кој беше главен архитект, лобист и менаџер на тајванската милијарда.
По таа коцкарска политичка авантура, настаните добија лесно предвидливо, драматично забрзување. Тогашниот претседател на РМ одржа, за јавноста, еден трогателен говор со многу солзи и растреперен глас. Не помогна многу да го смекне, барем донекаде, срцето на длабоко повредената Кина. Таа презеде и некои чекори, како што и доликува на голема земја и светска сила со право на вето во Советот за безбедост на Обединетите нации. Последица на тие чекори беше тоа што ООН ги повлекоа своите ефективи како контрола на границата со Србија и Македонија.
Повлекувњето го разбраа како сигнал некои „субјекти“ (оние на Али Ахмети) од Албанците во Македонија со оружје да ги доостварат своите права. Иако имаа свои министри во владата на Георгиевски од редовите на партијата на, во тоа време, култниот Арбен Џафери за албанската популација во РМ.
Уследи војната во 2001., па Охридскиот рамковен договор, па нови избори во 2002 кои ја згаснаа политичката ѕвезда на Георгиевски. Не знам дали некогаш бил член на ДА експремиерот Никола Груевски кој, во владата на Георгиевски беше катапултиран прво како министер за трговија, а потоа, по оставката на Борис Стојменов, како министер за финасии. Дури и да не бил, би требало да знае барем нешто за двотомната “Историја на Македонија од древнина до смртта на Александар Македонски“ (Скопје, 1994) на Тупурковски.
Дури и да не знае ни барем малку, некои карактеристики на неговиот мега-проект „Скопје 2014“ (драстично ја смени личната карта на главниот град), бодат очи. Згора на тоа, тие карактеристики имаат очигледна поткрепа во „Историјата…“ на Тупурковски со силно назначени, научни амбиции и тоа не еднаш. Тоа е доволно, според мене, да се препознае “Историјата…“ на Тупурковски како здрав и длабок идеолошки корен на груевизмот.
Коренот се храни од плодна научна почва која, во конкретен политички контекст (спорот за името со соседна Грција), легнува како кец на десетка. Тој корен игра и друга улога. Се работи за улогата на добро познат психолошки механизам под името “рационализација“ за кој, покрај другото, дава мошне добар пример и Тупурковски во својата “Историја“ Ќе се позанивавам со тоа подоцна и во друг напис.
Како ги опишува своите амбиции авторот на „Историјата на Македонија.“ која, очигледно, функцинира како своевидна најава за враќање на голема врата на македонската политичка сцена? Можеби како претседател на држава. По углед на Глигоров, Андов, Гошев и други кои се одржаа во високата власт иако имаа солидни политички биографии во бившиот, комунистички режим. А Тупурковски, како помлад од сите нив, дотурка до позицијата член на сојузно Претседателство се до крвавиот распад на екс-Југославија. Човек со таква, брилијантна политичка биографија, не може толку лесно да се помири со некоја сива политичка позиција; да биде само некој во близината на Глигоров, Андов или Гошев.
Има еден кус, пригоден но и дискретно шифриран предговор кон првиот том од Историјата…“ на Тупурковски. Зборува за намери, но и за важни методолошки специфики. Смели, затоа што Тупурковски не е историграф по формација, туку специјалист по меѓународно право – доктор по правни науки. Има детали во тој предговор кои не еднаш потсетуваат дека историја пишува не историограф по занает и вокација, туку правник.
Така, на пример, на она место на кое зборува за практичната политика на Атина, сојузник на Пердикa II кој застанал на страната на тракискиот крал Ситалк кога ја напаѓа Македонија, Тупурковски вели : “Уште еднаш се покажало дека меѓународните спогодби […] не биле склучувани bona fides, туку поаѓајќи единствено од сопствените интереси.“ (30)
Која е првата и главна намера на Тупурковски? Ако се суди по оние славни “корени“ по кои посегнува двапати во својот кус предговор:
а) „да ги пронаоѓаме корените и можните објасненија за се што се случувало на просторите на кои живеме.“;
б) „сопствената слобода е слободата да се чувствуваме онака како што ни зборува коренот, татковското и дедовското, нишките што ни овозможуваат во колективното помнење да ги ситуираме индивидуалните размисли за нас самите…“, има основа да се каже дека оптиката на Тупурковски е – коренолошка.
Неговите “корени“, во споредба со „корените“ на нашата историграфија до појавата на груевизмот, се спуштаат најдлабоко, до времето на династијата на Филип и неговиот син Алксандар.
На друг, исто така благо шифриран начин, Тупурковски зборува за „корени“ и во посветата од првиот том на неговата „Историја.“ Таа посвета гласи: „Овие редови им ги посветувам на сите Македонци – оние што биле, што се и ќе бидат.“ Зборува и за тоа дека сака да напише пацифистичка, „објективна“, не „волунтаристичка“ историја, како некои. Со оглед на тоа што неговата „Историја“ стана своевидна научна рацинализација за груевизмот, треба да се побараат “можни објаснија“ како дојде до – тоа.
Aтанас Вангелов
фејсбук статус