ВМРО-ДПМНЕ главната изборна стратегија ќе ја темели на „одбрана на државата од федерализација“, тврдат извори од оваа партија. Политиколозите се уверени дека веќе не поминува играњето на националистичка карта, информира DW.

Табла, на која името на Општинската организација на СДСМ во општината Чаир е напишано и на албански јазик, експресно ја врати на јавна сцена националистичката реторика типична за предизборни периоди – „вовед во двојазичност на целата територија на државата“, „вовед во федерализација“, „поделба на државата“, „губење на македонскиот идентитет“…
Активисти на СДСМ, кои вчера ги завршуваа последните подготвки за отворање на локалното седиште на нивната партија во Чаир, не се оптоваруваат со ваквите тврдења. Трајче Неделковски, член на СДСМ, вели дека двојазичната табла е резултат на зголемената заинтересираност за членство од граѓани од различни заедници, особено од етничките Албанци.
„Масовно се приклучуваат етнички Албанци. Веќе имаме околу 800 членови, кои до вчера веројатно биле во ДУИ, во ДПА или биле неопределени, меѓутоа сега масовно бараат членство во СДСМ“, изјави Неделковски за ТВ „21“.
Џеват Исени, еден од новите членови на СДСМ, објасни зошто се зачленил во партијата.
„Горд сум што се зачленив во седиштето на СДСМ, кое ќе функционира на двата јазици, за да му кажеме на народот дека албанскиот јазик ќе се употребува и во СДСМ“, изјави новиот социјалдемократ Исени.
Потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, запрашан дали поставувањето на двојазичната табла на седиштетото на СДСМ во Чаир е чекор за придобивање на албанскиот електорат, изјави: „Ние во Република Македонија јазикот го користиме за да се разбереме со нашите сограѓани – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останатите. А она за што треба да зборуваме се нови вработувања, нови работни места…“
„Подарок“ за ВМРО-ДПМНЕ
За можноста за двојазичност и во општини каде етничките Албанци не се мнозинско население, минатиот месец бегло проговори лидерот на СДСМ, но бидејќи не даде дополнителни објаснувања, таа изјава остана паушално толкувана и дочекана со остри критики од владејачката партија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ја обвини опозицијата дека тоа го заговара подолго време и дека тргува со националните интереси.
„Уставот јасно вели дека на целата територија на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен во единиците на локална самоуправа каде што тие живеат во мнозинство или значителен број. СДСМ во очај почнува да тргува со националните и со државни интереси и прави огромна штета на Македонија“, изјави Димовски.
Целиот текст можете да го прочитате тука