за рубриката ГРАЃАНСКИ, на Локално.мк
“НА БОШЊАЦИТЕ ИМ Е ПОТРЕБНА ЈАВНОСТ, НИКАКО ИНФЕРИОРНОСТ. ТИЕ МОРА ДА БИДАТ ВО ВЛАДЕАЧКАТА СТРУКТУРА КАКО БИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ОПШТЕСТВЕНО-ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ ВО ЦРНА ГОРА” – Проф. Д-р Шаќир Филандра, декан на Факултетот за политички науки од Сарајево (14.10.2016).
Иако по денешните парламентарни избори во Црна Гора ќе има многу промени и нови коалиции, Бошњаците со сигурност ќе бидат претставени во парламентот и дел од нив со сигурност ќе го сочинуваат владеачкото мнозинство.
Во Македонија по парламентарните избори во декември 2016 мора да се случи истото!
За таа цел, на добитните места на изборните листи на ВМРО и СДСМ мора да има место за претставниците на Ромите, Турците, Србите, Бошњаците и Власите [без исклучок!]. Со актуелниот изборен модел партиципативноста на претставниците на овие помали етнички заедници во парламентот е возможна само на споменатиот начин.
Доколку тоа се случи сите помали етнички заедници ќе бидат дел од власта [Без разлика дали ќе победи ВМРО или СДСМ]. Така ќе можат преку своите претставници да ги реализираат барањата и интересите кои ги засегаат, но ќе има и на кого да покажат со прст доколку истите барања не се исполнети.
Во секој случај на тие исти листи не смеат да се најдат коруптивни и/или застарени модели на политичари [од сите етнички заедници!]. Од Бошњаците на листите во никој случај повеќе не смеат да се најдат Авдија Пепиќ, Рафет Муминовиќ, Есад Рахиќ и Сафет Бишевац!
Во рамките на мојата ко-авторска книга “Познати Бошњаци од Македонија” споменуваме над 722 имиња на познати Бошњаци од минатото до денес. Од повеќе од 400 актуелни имиња ( професионалци од различни области) со сигурност над 40 имаат капацитет и морален интегритет достојно да ја претставуваат мојата етничка заедница во парламентот. Ќе издвојам само неколкумина интелектуалци: Доц. Д-р Зеќир Рамчиловиќ, Проф. Д-р Фехим Хусковиќ ( академик ), М-р Неџад Муриќ, Д-р Менсура Мујовиќ, ефендија Јусуф Чоловиќ, М-р Сеад Џигал, г-ѓа Мерсиха Смаиловиќ, М-р Исмет Кочан, ефендија Џевад Хот, М-р Џевад Кицара , Проф. Давуд Љаиќ и многу други.
Според бројноста добитно место на изборните листи треба да има и за Македонците Муслимани и Торбешите [правило кое единствено ВМРО-ДПМНЕ го почитува во последните изборни циклуси].
Другите помалите етнички заедници [Египќани, Црногорци, Хрвати, Бугари итн.] не споменати во преамбулата на уставот исто така треба да бидат претставувани во парламентот без разлика на постоечкиот изборен модел. Со оглед на тоа што се помалубројни мој предлог е тие да имаат скратен мандат.
Пример: Кандидат за пратеник на добитно место на листите од заедницата на Египќаните [во двете коалиции ВМРО и СДСМ] во изборна единица 5, кој во договор со коалицијата по една до две години ќе даде оставка и ќе го отстапи пратеничкото место на следниот на листата. Така, истиот пратеник ќе има можност во првите една-две години да ги застапува интересите на својата заедница и ги истакне барањата кои ги засегаат.
На крај, но не последно сакам да споменам уште две работи:
- Го осудувам фашистичкиот испад на новинарот Цветин Чилиманов кој во емисијата на 24 вести го нарече поранешниот новинар и пратеник Сафет Бишевац бегалец од друга држава во Македонија.
- Изминатиот период Бошњаците останаа без една личност која остави значаен траг во самостојна Македонија. RIP Алија Шахиќ (1944-2016)! Најзаслужен за споменувањето на Бошњаците во Преамбулата на Уставот на Р. Македонија.
П.С. Во текот на наредната недела ќе упатам писмено барање до ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во кое ќе го истакнам споменатиот предлог за кандидирање на најмалку еден Бошњак на добитно место во листите за пратеници на наредните парламентарни избори. Во анекс на писменото барање ќе доставам листа од над 40 Бошњаци [заедно со примерок од книгата “Познати Бошњаци од Македонија”] за кои сметам дека имаат кредибилитет и интегритет да ме претставуваат мене и мојата етничка заедница во парламентот.
ФБ статус на М-р Неџад Мехмедовиќ, политиколог
16.10.2016