Кандидатските листи за пратеници во ВМРО-ДПМНЕ, во голема мера ги крои неизвесноста по прашањето кои лица допрва може да бидат засегнати со истрагите на СЈО, тврдат за Дојче веле извори од партијата.
Во составувањето на листите за пратеници длабоко влијае неизвесноста по прашањето за тоа против кои лица од ВМРО-ДПМНЕ допрва може да бидат покренати истраги или обвиненија од Специјалното јавно обвинителство, тврдат извори од оваа партија. Иако од партијата оставаат впечаток дека составувањето на листите тече „вообичаено и нормално“, предистражните постапки на СЈО видливо ја зголемуваат нервозата во партискиот врв. Антонио Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, завчера на прес-конференција се пожали дека „СЈО врши политички притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ“.
„Овие денови го сменија стилот на работа – од читање на нарачани прес-конференции и обвиненија против членови на ВМРО-ДПМНЕ, сега се префрлија во следна фаза: на повикување на што поголем број членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некакви изјави“, рече Милошоски, додавајќи дека со тоа нема да ги заплашат или демотивираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, според партиски извори, токму ова создава големи дилеми при кроењето на кандидатските листи.
„Од една страна, партијата не сака да се доведе во ситуација имињата од нејзините кандидатски листи во голема мера да се најдат и во истражните или обвинителски ‘листи’ на СЈО. Од друга страна, пак, преовладува мислењето дека ако не бидат ставени на листите некои клучни партиски фигури, без оглед дали и колку се засегнати од истрагите на СЈО, тоа би можело да биде прочитано како директно признавање на вина. Така што, најверојатно ќе се оди на комбинирање на „стари“ кадри со нови лица, од кои дел се познати во областа на културата, приватниот бизнис и општествениот живот“, велат овие извори.
Според нив, за дел од оние кои не се познати за пошироката јавност, се смета дека имаат висок углед во нивните професии и во местата на живеење. Но, во конечниот избор очекуваат да помогнат и резултатите од повеќе интерни анкети, кои партијата интензивно ги спроведува во последниот период. Засега, во главната постава и натаму неофицијално флуктуираат петтојунските предлози – имињата на Никола Груевски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Владимир Ѓорчев, Илија Димовски… Но, партиски извори не исклучуваат дека може да има и „благо отстапување“.
повеќе тука
