Носителот на кандидатската листа на коалицијата предводена од СДСМ во Третата изборна единица Љупчо Никловски денеска во Велес го претстави нивниот план „За живот во Македонија“.
Граѓаните со кои разговараше ги запозна со нивната мерка за минимална плата од 16.000 денари која ќе важи и за вработените во индустријата за текстил обувки и кожа. Рече дека секоја фирма за секое работно место ќе добие по 1900 денари. Уплатениот персонален данок од страна на работодавците за вработените за исплаќањето на минималната плата ќе им го враќаат на работниците.
Николовски рече и дека просечната плата ќе биде 30 илјади денари на крајот на нивниот мандат и дека 140 милиони евра од планот „За живот во Македонија“ предвидуваат за поддршка на домашните мали и средни компании.
– За фирмите да вработуваат и да исплаќаат просечна плата ќе обезбедиме по 108 илјади денари за вработување на невработено лице до 50 години, со услов да добива бруто просечна плата. По 162 илјади денари, за вработување лица од ранливите категории на граѓани за да добива бруто просечна плата во државата. И по 72 илјади денари за вработвање на лица од администрацијата ако му се исплаќа бруто просечната плата, рече Николовски.

Во рамките на своите денешни активности во полошко, носителот на листата за пратеници во шестата изборна единица од Коалицијата „За подбра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев ги посети тетовската населба Колтук и црквата „Свети Никола“.
– Граѓаните на Тетово цврсто стојат на позоциите на македонска државност, на позиците на унитарност на Македонија и на позициите на уставниот поредок што тука во Колтук луѓето знаат што значи за оваа држава. Овие избори се поинакви од изборите досега бидејќи овие избори се референдум за Македонија. Ако во 1991-та година референдумот беше за создавање на независна Македонија овие избори во 2016-тата година се референдум за сочувување на Македонија, рече Ѓорчев.
Тој со соработниците ги посетија планинските села во состав на општина Боговиње, Урвич и Јеловјане, каде се сретна и поразговара со жителите, од кои дел се Македонци со исламска вероисповед.
Зголемување на минималната плата во првите четири месеци од мандатот на 12.000 денари, која ќе важи и за текстилната и кожарската индустрија, вети Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ и носител на кандидатска листа во ИЕ2 на Коалицијата „За живот во Македонија“ на денешните средби со кумановци.
– Работниците во овие индустрии со години се дискриминираат и земаат помалку од законски пропишаната минимална плата. За да ја постигнеме оваа мерка ќе ги помогнеме и компаниите со по 1.900 денари месечно за секој вработен, за секоја фирма да може да подели минимална плата без да има дополнителни трошоци, рече тој.
Додаде дека „Планот за живот во Македонија“ предвидува до крајот на мандатот минималната да изнесува 16.000 денари, а просечната плата да биде 30.000 денари.
– Просечна плата од 30 000 денари значи семеен буџет од 60.000 денари или 1000 евра во семејства каде што има двајца вработени. Тоа е пристоен семеен буџет кој ќе овозможи пристоен живот и покриен месец. Тоа се месечни приходи кои граѓаните, чесните и работливи граѓани ги заслужуваат, истакна тој.
Со овие мерки, потенцира, планираме да го покачиме животниот стандард, но и да го спречиме масовното иселување кое се случува во цела Македонија, а особено во Куманово и Кумановско.

Носителот на листата во првата изборна единица на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски денеска во Скопје најави дека во следната програма планирани се три подземни сообраќајници за главниот град.
– Едната од трите подземни сообраќајници кои се планирани во следната програма ќе се протега од Народна банка на РМ до Владата на Република Македонија. Предвидена е на две нивоа раскрсница кај Судската палата и Мавровка, а подземна сообраќајница е планирана и на потегот на Јужниот булевар, рече Попоски.
Тој денеска имаше средби и со младите во општина Центар, со кои разговараше за политиките и проектите за млади, со фокус на промоција на делот на вработување на 100-те најдобри студенти, субвенции за самовработување, субвенции за вработување млади, реформи во образование и низа други проекти за младите од програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Носителот на кандидатската листа за пратеници од коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица, Стево Пендаровски, изјави дека ќе им дадат можности на младите луѓе да остануваат во Македонија наместо со својата стручност, креативност и енергија да придонесуваат во развојот на туѓи држави.
– Изминативе 10 до 12 години според податоци на Светска банка 600.000 луѓе се иселени од Македонија, претежно млади и паметни деца. По 11 декември ние се обврзуваме да ги измениме законите каде што е тоа неопходно, и да донесеме конкретни политички мерки и решенија кои ќе им овозможат на младите луѓе, пред се тука да ја реализираат својата креативност, својата енергија, идеи и решенија, и дури потоа ако тука немаат шанса, да се обидат во странство, рече Пендаровски.
Според него, владејачката партија им овозможува шанса за вработување само на оние кои се нејзини членови и затоа, како што рече, младите луѓе бегаат од сопствената татковина.

Носителот на кандидатската листа за пратеници од ДУИ во Втората изборна единица Ејуп Алими на прес-конференција рече дека еден од условите на неговата партија за формирање на идната Влада е одлучување со консензус за економските прашања. меѓу кои и консензуално донесување на Буџетот.
– ДУИ има одлучено да биде на чело на Комисијата за економски прашања, преку која ќе ги контролира на директен начин сите економски одлуки на Владата. Ќе го води Советот за рамномерен развој, гарантирајќи го понатаму балансот кон економската рамноправност, рече Алими.
Консензуалното одлучување ќе биде нивни приоритет за постигнување на целосна фискална децентрализација затоа што, како што рече, општините честопати знаат подобро од Владата каде треба локално да се инвестира за доброто на нивните граѓани и за тоа треба да им се даде автономија.
– Ние ќе ја условиме идната влада да има консензуално одлучување и за Буџетот на Агенцијата за државни патишта. Инфраструктурата е елемент кој влијае на директен начин на развојот на албанските зони… Бараме кога ќе се делат развојните проекти, кога ќе се одлучува за буџетот, кога ќе се донесуваат закони кои поминуваат во Влада или во Парламент, да не се одлучува со надгласување, туку со консензус. Само на овој начин ќе можат да се штитат економските интереси на Албанците, само на тој начин ќе можеме да имаме рамномерен регионален развој, додаде Алими на прес-конференцијата
MИА