
Бука – Сараево
Еден од последните примери како тоа го прави професионалец, ни го демонстрираше претседателот на Српска Милорад Додик, кој со желба да го скрати времето поминато во РС, меѓу своите патувања во Кина и Русија, се одлучи уште еднаш да се пошегува со народот. Во таа прилика ни ја подметна „бомбата” за враќање на сите одземени надлежности кои РС го доби со Дејтонскиот договор. Тресна и отиде во Санкт Петербург.
Главно, претседателот вели, дека тој лично на Српска ќе врати дури 83 одземени надлежности.
„Ние во догледно време ќе ги подготвиме сите закони кои се ќе вратат во првобитната состојба. Кога зборувам за надлежностите во БиХ и нивното враќање, зборувам за формално-правни позиции, а формално правна позиција на БиХ е Дејтонскиот договор и неговиот Устав. Тоа што го пишува во Уставот е целосно различно од тоа што е во стварноста и таа стварност треба да се преиспита и да се доведе во уставни рамки” – порача Додик.
Дека Додик само добро се забавува во слободно време со сопствениот народ се согласуваат и експертите. Како што велат, тоа најдобро го потврдува овој последен случај во кој Додик ветува враќање на надлежностите, што е невозможна мисија, туку обично залажување на народот во дневно-политички цели.
Професорот и политички аналитичар Радомир Нешковиќ потенцира дека тоа за што зборува Додик нема никаква логика и дека враќањето на надлежностите од ниво на БиХ на РС практично е невозможно.
„Не може воопшто да се случи. За да ги врати надлежностите пренесени на ниво на БиХ, треба согласност од Босанците и Хрватите, која никогаш нема да се добие и тоа е јасно. Друг начин е едноставно враќање на надлежностите така што РС нема да го почитува уставниот поредок на БиХ, а тоа претставува влез во голема политичка криза од која РС нема да излезе како победник. Секако, бидејќи гледаме дека од тоа нема да биде ништо, можеме само да заклучиме дека Додик, како способен политичар за овие прилики и простори, си создава теми со кои ќе се бави идната година. Една од нив е токму оваа, враќање на надлежностите, а втората е измена на функционирањето на Уставниот суд на БиХ и донесување на Закони за Уставниот суд” – наведе Нешковиќ.
Според неговите зборови за ваквата состојба вина не треба да се бара само во Додик, туку и во опозицијата која нема ни храброст ни знаење да се справи со наметнатите теми и да понуди на народот нешто друго.
„Проблемот е во неспособната опозиција која нема свој став. Таа се доведе во таква состојба што сега или ќе стане потрчко по идеите на Додик, или ќе ги одбие тие идеи и тој ќе ги нарече предавници и така ќе го неутрализира се што тие би се обиделе да направат. Секако, во таквиот однос на силите граѓаните слепо ќе веруваат на се што ќе каже Додик, бидејќи едноставно немаат други идеи кои се понудени” – рече Нешковиќ за БУКА.
Судејќи според тоа што го предвидува проф. Нешковиќ, Милорад Додик веќе напиша сценарио за идната година, така да нема да недостасува поигрување со народот и смеа во неговиот кабинет.
А што правиме ние? Па ние и понатаму само слегнуваме со рамениците и дозволуваме врховниот водач секојдневно да ни набива рогови.
Веруваме дека тоа ќе престане само од себе. Нешто како тие жени кои секој ден добиваат шлаканица или два, но повторно на крај остануваат покрај својот сакан и се надеваат на подобро.
Така и ние граѓаните и граѓанките на Република Српска, на некој само нам познат мазохистички начин трпиме „шлаканици” кои ни ги плеска нашиот сакан и избран претседател. Трпиме и молчиме.
Трпиме додека тој од нас прави будали. Трпиме и не сакаме да ги отвориме очите. Трпиме, а тој секој ден во секој поглед се повеќе напредува.
Лага по лага, ветување по ветување.
Од руски кредити до ММФ; Од предавник од опозицијата до повик на единство; Од странски инвеститори до работници на улица; Од фаќање на криминалците до живот покрај нив; И така во недоглед.
Аналитичарот и психолог Срѓан Пухало наведува дека претседателот на РС веќе одамна станал експерт за сите прашања на овој свет, чии идеи и изјави никогаш не се доведуваат во прашање.
„Тој само најде рецепт како да владее со овој напатен народ кој навикнал да молчи и да трпи. А додека е така, тој постојано ќе ги лаже граѓаните. И тоа ќе трае се додека не прозбори некој што е стручен. Некој кој знае за што се работи и кој ја познава таа материја. Некој кој знае колку тоа е реално и нереално. Тоа значи дека мора да се создаде интелектуална и академска заедница од луѓе кои ќе имаат храброст да излезат и да кажат дека тоа не може да се направи поради тоа, или ако се направи тоа какви последици ќе имаме. Треба да прозборат луѓе кои имаат знаење и храброст. Од друга страна медиумите не треба само да пренесуваат се што ќе каже тој без да се информираат. Се додека нема реакции од јавноста тој едноставно ќе биде единствен авторитет и за ЕУ интеграциите и за уставот и за историјата и за се живо” – рече Пухало за БУКА.
Тој тврди дека Додик само наследи една матрица на владеење која тука трае со децении и дека многу добро ја користи.
„Тоа од секогаш било така. За време на социјализмот немавме луѓе кои ги претресувале одлуките. Тоа само се продолжи за време на СДС и трае се до денес. Некогаш тоа е повеќе, некогаш помалку, но системот е ист. Тука се живее според матрица да не се исплати да се вика дека царот е гол, иако тоа сите го гледаме, бидејќи во спротивно може да ти се случи нешто лошо. Ние веќе сме во таа состојба, бидејќи се правиме дека ништо не се случува, а се случуваат многу работи и тоа на полошо. А ние прифаќаме се здраво за готово, како неминовност, како најмало зло или како линија на помал отпор” – рече Пухало и додаде дека допрва не очекувуа „интересен” период, бидејќи од година во година Додик се повеќе се забавува со народот.
А зошто да не, кога му се може. Кога никој не се распрашува за работите кои ги зборува тој; Кога медиумите само пренесуваат зборови без анализи; Кога академската заедница никогаш нема што да каже; Кога опозицијата одамна заборавила која и е улогата; Кога, на крај, на народот повеќе и не му е ни гајле.