По долго исчекување, со големиот финален концерт под мотото “Македонски звучи супер“ Таксират фестивал по низа успешни концерти и настани ќе го прослави своето полнолетство.

Пасворд продукција само два дена пред одржувањето на 18-тото издание на најдобриот македонски фестивал реши да ја збогати програмата со нови уечесници. Освен во арената „Метрополис“, музичка програма ќе има и во втората хала на скопскиот саем која ќе трае од 22 часот па сè до 4 часот наутро наредниот ден.

„Чилаут енерџи“ сцената ќе биде наменета за обожавателите на електронскиот звук. Таму публиката ќе може да ужива во диџските сетови на Ана Мало, Бодан Јакимоски, Флудер и Танчевски.

Во арената „Метрополис“, ќе настапат веќе најавените групи: „Фолтин“, „Чиста околина“, „Архангел“, „Санаториум“, Кирил Џајковски заедно со придружниот бенд и пејачката ТК Вондер. Фестивалот ќе го отвори групата „Контакт 59“, која е победник на годинешниот „Лузер фест“.

Организаторот за посетителите обезбеди и бесплатен јавен градски превоз во Скопје. За време на одржувањето на настанот, односно на 9 и 10 декември до пладне, сите посетители на „Таксират“ добиваат бесплатно возење со автобусите на ЈСП, за што доволно е само да го приложат билетот за фестивалот.

Ова поволност за посетителите на фестивалот е реализирана со поддршка на ЈСП, која ги промовира и позитивните вредности на „Таксират“, под мотото „Безбедно учество во сообраќајот и одговорно консумирање алкохол“.