Еве сме во Гостивар, разговараме со гостиварчани за проблемите коишто ги мачат. И гостиварчани како и сите граѓани на Македонија соопштуваат дека се потребни промени, дека се неопходни промени, дека заслужуваат подобар живот. Овдека вчера Влатко Ѓорчев се расфрлал со некакви триесет и седум проекти за Гостивар. Што чекавте десет години господине Ѓорчев? Што чекаше Груевски десет години? Зошто сеуште не е готова клучката за накај автопатот во Гостивар? Зошто не се решени и реализирани овие проекти? Триесет и седум ситни проекти се триесет и седум големи лаги за гостиварчани. Гостиварчани велат доста е! Ним им треба здравство кое што ќе ги лекува. Ним им требаат лекари и медицински персонал кој што се достоинствени за да бидат и достоинствени пациенти. Во Македонија не може да има помала плата од 16.000 денари. Во Македонија просечната плата ќе изнесува 30.000 денари. Не може ниту еден наставник да има помала плата од просечната. Затоа во Македонија го спроведуваме Планот за живот! Почитувани граѓани во Недела позади параванот сте сами. Вие одлучувате за вашата иднина. Одлучете и заокружете за бројот 4. Да го спроведеме заеднички Планот за живот! Да ги воведеме вистинските квалитети на животот. Да го вратиме животот, да ја вратиме насмевката на лицата на граѓаните во Македонија. Победува Македонија, победува Социјалдемократскиот сојуз, победува животот во Македонија! |

Нови 70.000 вработувања, продолжување на субвенционирањето во земјоделството со вредност од 600 милиони евра во наредните четири години, како и проекти за младите предвидува Програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ која денеска пред жителите на струмичкото село Вељуса ги презентираше лидерот на партијата и носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 4 Никола Груевски.
– Во 2006 година во Македонија беа вработени се на се 560.000 луѓе. Денес се вработени над 720.000. Планот ни е некаде до крајот на следниот четиригодишен мандат, до 2020 година, во Македонија да има приближно 800.000 вработени. Значи, да се отворат нови 70.000 работни места во Македонија, рече Груевски.
Тој истакна дека покрај економијата и намалувањето на невработеноста, една од клучните области на која посветиле внимание и во изминативе години се извршиле големи промени е земјоделството бидејќи, како што истакна, тоа е еден од основните столбови на нашето општество. Подвлече дека во изминатите години распределени се над 62.000 хектари слободно земјоделско земјиште, а меѓу новите проекти го издвои „Рурални развојни зони“ со кој треба да се овозможи развој на руралните места и нови вработувања.
Со овој проект, кој ќе се спроведува во тек на пет години, секој кој ќе инвестира во производствен погон, хотел или слично, ќе биде ослободен од данок во наредните десет години, државата ќе покрие 10 проценти од неговата инвестиција, а за секое вработено лице ќе добие 2.000 евра, односно 4.000 евра за повторно вработен стечаец.

На граѓаните им е доста од партиски програми исполнети со празни ветувања со тоа што треба да се направи. Времето на владеењето од една цела деценија е доволен период за да се видат резултратите. Ние како партија во рамки на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ зад себе имаме реални дела остварени за време на нашето владеење од 1998 до 2002 година, порача денеска од Охрид Љубе Бошкоски, носител на кандидатската листа на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ во Петтата изборна единица.
– Ние на граѓаните мора да им гарантираме денешнина, затоа што само на тој начин можеме да ја вратиме младоста, да ги вратиме иселениците…Сакам преку навраќањето на времето на владеењето на ВМРО и Љубчо Георгиевски и јас како министер во таа влада да потсетам дека доколку тогаш ние како луѓе направивме толку за Македонија, сега како зрели политичари со нашето целосно политичко искуство можеме да понудиме решенија за Македонија, рече Бошкоски.
Тој, меѓу другото, истакна дека на денот кога народот го слави Свети Климент Охридски, треба да се зборува за помирување, единство, за високи христијански вредности што, рече, за жал се заборавени, а мотивот за доаѓањето на власт да не биде реваншизмот туку напротив помирувањето.

Администрацијата да се редуцира зашто не е двигател на стопанството, а луѓето да се префрлаат во приватни ентитети кои ќе имаат јавни овластувања добиени од државата и од локалната самоуправа, рече денеска на средбата со граѓани во Свети Николе носителот на кандидатската листа за пратеници и лидер на Либералната партија Ивон Величковски, осврнувајќи се на економскиот дел од предизборната програма.
Според него, ЛП размислува за проекти кои не оставаат некого без работа, туку прават простор на пазарот.
– Кога зборуваме за овие теми всушност зборуваме за тоа како да се зема помалку од стопанството, а да остане повеќе кај граѓаните. Затоа велиме дека потребен и помал буџет. Во денешни перформанси тоа би значело не 3,4 милијарди евра, туку 2,9, истакна Величковски.
Се осврна и на претприемаштвото, како и на проблемите со кои се соочуваат малите и средните компании.
– Не мора да има Централен регистар каде што ќе регистрирате фирми во државна институција, тоа може да биде во стопанските комори, ќе биде побрзо, поевтино, ќе има и конкуренција во таа дејност, а луѓето нема да останат без работа, посочи Величковски.
Либералната партија, додаде, беше и останува гарант на претприемачите, лекарите, адвокатите, на цели фели и по изборите.
На средбата со граѓаните беше и носителот на листата во ИЕ 3 Данчо Марковски кој, исто така, потенцира неколку постулати од програмата на Либералната партија. Напомена и дека партијата нема да прифати непринципиелни коалиции, ниту ќе влезе во матрицата на големите партии.
– Нивната идеја е да се дефокусира јавноста, зборуваат за непотребни теми, никој не го интересира тоа. Ниту двојазичност, ниту федерализација, народот го интересира епилог од состојбата во која се наоѓаме денес, истакна Марковски./MИА