
Откако ДИК го отфрли и последниот приговор на СДСМ за гласачкото место 2011 во Теарце, во шестата изборна единица, лидерот на социјалдемократите Зоран Заев се огласи на неговиот Фејсбук профил, оценувајќи дека доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски.
Почитувани граѓани, да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија. Неговото време заврши, порача лидерот на СДСМ.
– Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија. Повикувам на достоинствено и трезвено однесување.
Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски. Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите – вели тој.