
„Фабриката на ѕвезди„, која се наоѓа на растојание 1.350 светлосни години од Земјата, беше снимена од телескопот на Европската јужна опсерваторија, пренесе Франс прес.
Сликата на маглината Орион е направена со телескопот VISTA (Visible and Infrared Survey Telescope for Astronomy) во пустината Атакама во Чиле. Опремен со големо огледало со дијаметар од 4,1 метри и со 3-тонска камера, телескопот врши истражувања со инфрацрвен спектар.
На сликата се гледаат голем број млади ѕвезди и други објекти, кои обично се затворени од облаци прашина, се вели во соопштението на Европската јужна опсерваторија.
Лоцирана во нашата галаксија, маглата од ѕвезди Орион е најблиску до нас и ја нарекуваат “фабрика за производство на масивни ѕвезди”. Откриена е во 17-тиот век и е исто така позната под името Меси 42. Составена е од гас и меѓуѕвездена прашина, осветлена од масивни купишта на ѕвезди.