Турските пратеници го одржуваат вториот и последен круг на гласање за уставни промени со кои ќе се зголемат и ќе му се дадат нови овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Според плановите, претседателот ќе може да ги бира министрите и судиите, а премиерското место ќе биде укинато.
Седум од вкупно 18 члена беа донесени во текот на ноќта. Ако пратениците ги донесат и останатите во наредните денови ќе следи референдум.
Претседателот Ердоган вели дека пакетот ќе создаде постабилно владеење, но критичарите на тоа гледаат како опасно грабање власт.
Тој вели дека предложените измени ќе воспостават еден извршен претседателски систем, како оној во Франција и САД.
Тоа ќе биде прво извршно претседателство во модерната историја на Турција.
Со Уставните амандмани исто така:
– Претседателот од првенствено церемонијална фигура ќе стане единствена извршна власт на државата
– ќе му се даде моќ на Претседателот за донесување на некои закони со декрет
– ќе се создаде барем едно потпретседателско место
– ќе се зголеми бројот на пратеници од сегашните 550 на 600
– ќе се намали минималната возраст за пратениците од 25 на 18
– ќе му се дозволи на претседателот да биде член на политичка партија
– се предвидува дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржуваат истовремено на секои 5 години
Владејачката АК партија (АКП) го доби потребното мнозинство од три петтини за во неделата да се даде прелиминарна поддршка на пакетот, со гласовите на десничарската Партија на националистичко движење, четврта најголема партија во Турскиот законодавен дом.
Републиканската народна партија, најголемата опозициона партија, се противи на измените и дебатата се вжештува.
Human Rights Watch, со седиште во САД, во средата, соопшти дека предложените измени претставуваат „ огромна закана за човековите права, за владеење на правото и за демократската иднина на државата“, опишувајќи ги како обид за „владеење на еден човек“. Владата брза преку парламентот да ги донесе измените во време на вонредна состојба и мерки со кои независните медиуми се замолчени, а јавната дебата е ограничена-додаваат.
Турција е во вонредна состојба од неуспешниот обид за државен удар во Јули 2016 година. Тој статус е продолжуван по серија напади на државата, вклучувајќи го и масовното пукање во ноќен клуб за време на новогодишната ноќ, напад во кој загинаа 39 лица.
Реџеп Таип Ердоган (62), доаѓа на власт во 2002, една година по формирањето на АКП. Тој 11 години беше премиер, а од 2014 станува првиот директно избран претседател во земјата- наводно церемонијална улога.
Извор: BBC news