Харадинај денеска пред францускиот суд

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај,денеска повторно ќе се појави пред францускиот суд, во врска со барањето на властите во Белград за негова екстрадиција во Србија, поради обвиненијата за извршени воени злосторства во 1998 и во 1999 година.

Харадинај за РСЕ рекол оти верува дека судот оваа недела ќе го приведе при крај неговиот случај и ќе му овозможи да се врати на Косово.

Тој беше приведен во Франција на 4 јануари годинава, врз основа на меѓународна потерница распишана од српските власти и во моментот се наоѓа на условна слобода во Франција, додека судот не донесе одлука по барањето на Србија за негова екстрадиција.

„Досега го чекавме предметот од Србија. Повикан сум  да се појавам пред судот во Колмар, каде е предадено обвинението на Србија“, изјавил Харадинај најавувајќи дека тој и неговата одбрана ќе бараат рочиште на кое ќе биде разгледан предметот, односно ќе ги отфрлат обвинувањата и барањето на српските власти за неговата екстрадиција.

Тој го оценил однесувањето на Србија кон него како политичка игра во пресрет на претседателските избори во Србија, кои треба да се одржат оваа година.

„Србија си играше и со времето и доцнеше со поднесувањето на материјалите за да го одолжува процесот. Но, предметот сега е пред судот и верувам дека ќе бидат испочитувани временските рокови и ќе се стави крај на овој процес.

Станува збор за предмет од 2004 година, кој е фабрикуван од остатоците во правосудството во Белград од времето на Слободан Милошевиќ“, рекол Харадинај.