
Кога една партија ги губи изборите или не победува како што посакувала, тогаш се обидува да си најде изговор, а медиумите или невладините организации се цел којашто најлесно се наоѓа. Тоа не е размислување коешто е европско, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.
Прашан за процесот на „десорозација“, како начин за пресметка со граѓанскиот сектор, Тимоние меѓу другото вели, дека станува збор за многу лош збор.
– Навистина многу лош збор, дури имавте и потешкотија да го изговорите. Кога една партија ги губи изборите или не победува на нив како што посакувала, тогаш се обидува да си најде одговорен за тоа. И тоа може да му се случи и на некој политичар и од голема земја, кога го критикуваат. И медиумиге или невладините организации се цел којашто најлесно се наоѓа. Тоа не е размислување коешто е европско. Од друга страна, ќе кажам дека невладините организации треба да се однесуваат со доволна неутралност и особено да ги почитуваат законите во земјата – вели тој.
Во интервјуто додава дека не се чувствува засегнат од критиките и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека меѓународната заедница се меша во внатрешните работи на земјата.
За работата на Специјалното јавно обвинителство, вели дека било основано поради политичка криза.
– Во таа состојба која беше посебна и единствена, беше навистина неопходно да се основа специјална установа. Ќе напоменам дека тоа беше направено со согласност од сите големи политички партии и под своевидна гаранција на повеќе меѓународни фактори. И доколку, ако можеби СЈО е средство за излез од кризата, тогаш и неговиот мандат треба да биде продолжен со сите механизми коишто постојат во Собранието. За тоа е неопходно политичките партии да покажат одговорност, но и исто така и чуство за генералниот интерес на сите – вели Тимоние.