Косовскиот претседател Хашим Тачи, во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“ изјави дека Косово ги исполни сите критеруми на ЕУ за визна либерализација и оти ова е последна можност официјален Брисел да даде зелено светло за граѓаните на Косово.
– Последна можност е Брисел да донесе позитивна одлука за нашата земја. За жал во ЕУ нема визија за иднината на земјите од Западен Балкан, истакна Тачи, додавајќи дека која било друга одлука ќе создаде вакуум и предуслови за антиевропски идеологии.
На прашањето дали се чувствуваат напуштени од Европа, Тачи вели дека недостигот на визија во ЕУ создало незадоволство од ЕУ и оти продолжувањето на изолацијата на граѓаните на Косово ќе ги зголеми незадоволството и национализмот во регионот.
– Јас не гледам никаква визија и план Б во Брисел. Ќе има негативни последици за целиот регион. Влошувањето на односите меѓу Косово и Србија се конкретен резултат од неоправданото доцнење во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, за што е виновна ЕУ, додава тој.
Тачи посочи дека ЕУ се сменила и не е она што била пред Брегзит.
Според него, повеќето држави сега гледаат како да се зајакнат самите себе, бидејќи „ЕУ е херметички затворена за Косово и Балканот“.