Рускиот воен разузнавачки брод “Виктор Леонов” бил забележан крај источниот брег на САД . Ова го соопшти американската телевизија Fox News, повикувајќи се на извор од командата на морнарицата на САД.

Според американските воени извори  рускиот брод се наоѓал во меѓународни води приближно на 37 километри југоисточно од базата за подморници Кингс Беј во Џорџија.

Изворите истакнале дека рускиот брод не навлегувал во територијалните води на САД , кои се протегаат на 22,2 километри од крајбрежјето.

Во средината на февруари “Виктор Леонов” исто така беше пресретнат во близина на база американски подморници во државата Конектикат, а неколку часа подоцна – во близина на пристанишниот град Норфолк во Вирџинија.

Забележано е  дека бродот се вратил во реонот на источниот брег на САД по запирањето минатата недела во пристаништето на кубанската престолнина Хавана, каде екипажот ги полнел   резервите на вода, храна и гориво.