Гевгеличани на референдум ќе се изјаснат дали сакаат да се отворат рудници во нивната општина, информира Телма.

За 40 дена локалната самоуправа треба да распише референдум на којшто граѓаните ќе се изјаснат за или против отворање на два рудника за експлоатација на минерални суровини. Доцна синоќа оваа одлука ја донесе општинскиот совет, врз основа на иницијативата поднесена од здружението „Спас за Гевгелија“.
Во атарот на општина Гевгелија се издадени две концесии за детални геолошки истаржувања за металични минерални суровини. Првата е на компанијата Минерал Ресервоарс Македонија од Скопје, со површина од 2.860 хектари на локалитетот “с. Коњско“, а втората на компанијата Интернационал мининг компани од Скопје со површина од 900 хектари на локалитетот “Коњска река“. Во изминатите три години на овие локации се пронајдени богати резерви на злато.
Иницијативата на здружението Спас за Гевгелија трае во континуитет подолг период. Претходно беа активни на социјалните мрежи со видеа во кои апелираа за опасностите по животната средина, но и здравјето на луѓето, доколку во регионот се отворат рудниците за злато./извор Телма