СЈО: Ниту еден медиум засега не е под истрага на ова обвинителство

од Vladimir Zorba
93 прегледи

Ниту еден медиум во овој момент не е под истрага на Специјалното обвинителство, изјави обвинителката Ленче Ристоска коментирајќи го гестот на дел од вработените во медиумите блиски до власта (Сител и Вечер) кои денеска ја напуштија прес конференцијата на СЈО поради како што рекоа „притисоци од оваа институција“.

Според неа, со ова само се придонесува дел од граѓаните да не бидат информирани за активностите на СЈО.

„СЈО работи во интерес на граѓаните и со целосно почитување на сите закони. Уште на почетокот појаснивме дека за нас сите се еднакви пред законот и ако некој сторил кривично дело треба да одговара.
Ниеден медиум не е под истрага во овој момент од СЈО, засега не е отворена ниту една истрага за медиум. Ако одредени лица кои се сопственици или работат во некои медиуми, сториле кривични дела кои не се поврзани со работењето на медиумите и се сами за себе, се разбира дека мора да спроведе истрага и да се види дали ќе има одговорност за овие лица. Во ниту еден случај ние не правиме притисок на медиумите, гестот единствено неовозможува дел од населението на Македонија да не биде информирано за нашите активности“, рече Ристоска.

Одговарајќи на новинарски прашања, таа истакна дека за ниедно лице од новоотворените истраги засега не е побарано мерки за обезбедување присуство, бидејќи во моментот околностите не упатуваат на таква потреба.

За истрагите „Тотал“ и „Тифани“, кривичното дело за кое се гонат осомничените е даночно затајување, додека другиот дел , на кој начин се обезбедувани средставата , во оваа истрага од работењето на фирмите,  не е опфатен, рече Ристоска одговарајќи на новинарско прашање.