Почна предвременото гласање за референдумот во Турција

од Vladimir Zorba
109 прегледи

На граничните премини, аеродроми и пристаништа во Турција денеска почна гласањето во рамките на референдумот за уставните промени во земјата, јави ТАСС.

Според податоците на Централната изборна комисија, гласачки кутии се поставени на 18 аеродроми, шест гранични премини и на седум пристаништа.

Турските државјани кои живеат во европските земји, исто така може денеска да се изјаснат на референдумот со кој се бараат поголеми овластувања за претседателот на државата.

За нив, на територијата на ЕУ, отворени се околу 30 избирачки места во различни градови на Германија, Франција, Австрија, Белгија, Швајцарија и Данска. Гласачките кутии се наоѓаат главно во објектите на дипломатските претставништва на Турција.

Во Европа, според различни проценки, живеат околу пет милиони Турци со двојно државјанство.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, право на глас на турскиот референдум имаат и околу 1,4 милиони Турци, кои живеат во Германија.

Гласањето во Германија минува во знак на дипломатските инциденти, откако официјален Берлин, односно неколку покраински влади, забранија дел од референдумските митинзи на германско тло на кои требаше да учествуваат турски министри.

Забраната за турските министри да се обратат на митинзите од страна на владата во Анката беше објаснето со „нацистичка политика“, што ја спроведуваат властите во Германија и Холандија, што дополнително ги влоши односите на Турција и ЕУ.

Гласањето на Турците во Германија, Австрија, Швајцарија, Данска, Холандија и Франција можно е да има клучна важност за успехот на референдумот во Турција, затоа што турската дијаспора во Европа на последните избори имаат поголеми симпатии за политиките на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, отколку за опозициските партии во земјата.

Според Ќанер Авер, експерт од Центарот за Турски студии во градот Есен, референдумот предизвикал сериозни поделби меѓу трите милиони Турци, кои живеат во Германија.

– Ердоган очекува помош од луѓе кои се чувствуваат дискриминирани, кои неможат да го најдат своето место во Германија, кои имаат лоши работни места, несоодветно образование и проблем со својот идентитет, вели Авер, според кого Ердоган успеал на своите сонародници да им всади чувство на гордост што се Турци затоа што тие живеејќи во Германија ја идеализираат состојбата во земјата, каде што се родени или од каде што доаѓаат нивните родители.

Турските државјани, кои се наоѓаат надвор од земјата, како и оние кои живеат во земји од Европа, можат да гласаат на референдумот до 9 април. Потоа гласачките ливчиња ќе бидат обработени и испратени во Централната изборна комисија.

Референдумското изјаснување во Турција ќе се одржи на 16 април.

Предложените уставни измени, кои се предмет на референдумското изјаснување, предвидуваат преминување кон претседателски систем на управување.

Претседателот Ердоган и приврзаниците на уставната реформа оценуваат дека уставните измени ќе доведе до силно лидерство, потребно за да се спречи враќањето на власт на нестабилните коалициски влади од минатото. Критичарите на уставните измени велат дека тие ќе го зголемат авторитаризма во земјата.