СДСМ од претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски ќе побара на гласање да го стави предлогот Собранието континуирано да заседава се до исцрпување на дискусиите. За овој предлог пратеничката група СДСМ ќе бара поддршка од 10 пратеници. На овој начин СДСМ ќе може за прв пат да го тестира и новото парламентарно мнозинство од 67 пратеници, пишува СДК.
Ова не би било прв пат Собранието да работи нон-стоп. Пратениците при донесување на буџетите работеа континуирано, поради големиот број на дискутанти, за да се стигне законскиот рок во кој буџетот треба да се изгласа.
Собранието работеше нон-стоп и при донесувањето на првиот Устав на независна Македонија есента 1991 година.
Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов од претседавачот Трајко Вељаноски вчера попладне побара да го стави на на гласање предлогот Собранието да работи континуирано до исцрпување на расправата. За тој предлог побара поддршка од 10 пратеници.
“Го знаете моето мислење за вас како претседавач, ти си нелигитимен. Барам предлогот Собранието да работи континуирано да го ставите на гласање. Барам поддршка од 10 пратеници“, рече Шилегов.
Но, кога тој го даде предлогот почнаа жестоки реплики помеѓу него и Крсто Мукоски и Павле Богоевски. Претседавачот Вељаноски во расправата заборави на предлогот на Шилегов. Кратко време потоа, Вељаноски ја прекина седницата и закажа ново продолжение за денеска во 11 часот.
За дискусија се пријавени 57 пратеници. Досега дискутираа само четворица.
Викендов Собранието си зема два дена пауза. Пратениците нема да работаат и в петок, кога е предвиден ден за средби со граѓаните.