Нарушена тајноста на истражните постапки на СЈО

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Две барања на Специјалното јавно обвинителство за обезбедување на информации завршија на фејсбук. Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски објави документи адресирани до Централниот регистар и до Агенцијата за цивилно воздухоплоство. Во двата поднесоци стои неговото име.

Специјалното јавно обвинителство проверува дали пратеникот и поранешен министер за надворешни работи поседува приватен авион. Тимот на Катица Јанева со барање до Агенцијата за цивилно воздухопловство сака да утврди, доколку Милошоски поседува авион, на кој начин го стекнал. Освен ова, специјалните обвинители преку Централниот регистер треба да обезбедат податоци дали во периодот од 2008 до 2015 – та година, Милошовски бил сопственик или управител на фирми. Тој денеска не беше достапен за коментар. Единствено направи промена на фејсбук статусот. Првично немаше наведено како ги добил документите. Но додека медиумите проверуваа како институциите дозволиле барањата на СЈО да завршат во рацете на Милошоски, тој се дообјасни преку Фејсбук.

„Прво стигна предупредување од пратеник од СДСМ дека многу зборам, а сега и истрага од Катица Јанева, која ги бара моите авиони и фирми кои ги немам! Само продолжете, нема да не’ замолчите!
П.С. Документите ги добив од чесен граѓанин, патриот, свиркач, кој иако е вработен во СЈО, се спротивставува на злоупотребите и непрофесионализмот на оваа институција“. – изјави Антонио Милошоски, ВМРО – ДПМНЕ

Директорот на Централниот регистар, Андреа Попоски немал видено што објавил, Антонио Милошоски.

„Немам јас Фејсбук. Не знам за што зборувате. Треба да проверам“. – рече Андреа Попоски

Ниту Агенцијата за цивилно воздухопловство не беше кооперативна. Во краток телефонски разговор портпаролката објасни дека доколку има некаква информација ќе ги известат медиумите, а директорот бил на службен пат.
Реагираше и СЈО. Објаснија дека водат повеќе финансиски истраги и се опфатени и поединци и фирми.

„Укажуваме државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни. Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи“. – велат од СЈО

Барањата на СЈО до Централниот регистар и до Агенцијата за цивилно воздухоплоство се поднесени на 31 – ви март. Институциите треба да одоговорат за пет дена или до утре, дали Милошоски има или имал авион и дали бил сопственик или управетел на фирми во период од 2008 – ма до 2015 – та година.

Извор: Алсат