Русија се надева дека политичките сили во Србија нема да дозволат дестабилизација на земјата по изборите

од Vladimir Zorba
86 прегледи

 

Москва се надева дека политичките сили во Србија нема да дозволат дестабилизација на ситуацијата во земјата по претседателските избори, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, цитирана од ТАСС.

Захарова изјави дека министерството ги следи протестите низ повеќе српски градови, на кои се направени обиди за оспорување на резултатите од претседателските избори од 2 април.

Таа, меѓутоа, истакна дека многубројните локални и странски набљудувачи и претставници на меѓународни организации не констатираа суштествени прекршувања за време на изборите и според нив гласањето минало во согласност со општо прифатените норми, а резултатите од изборите објективно ја одразуваат волјата на српските граѓани.

Портпаролката на руското МНР забележа и дека во „демократска и пријателска Србија“ се присутни сите неопходни услови за остварување на граѓанските права, вклучувајќи ги и слободата на говор и на собирања.

Според последните податоци, по обработка на 96,6 проценти од гласачките ливчиња српскиот премиер Александар Вучиќ победи на претседателските избори уште во првиот круг, со освоени 55,02 проценти од гласовите.