Советот на ЕУ, Европската Комисија и пратениците во Европскиот парламент очекуваат од македонскиот претседател да ги почитува демократските норми, а од ВМРО-ДПМНЕ да се однесува одговорно . Од институциите на ЕУ уште еднаш стигнаа остри критики на сметка на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ поради блокадите на демократските процеси во земјата. Во Европскиот парламент во Стразбур, известувачот за Македонија Иво Вајгл вечерва го презентираше извештајот за Македонија кој го поддржаа и Европската Комисија и Советот на ЕУ.

„Парламентот не може да биде формиран поради систематски опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов. Неговото однесување беше критикувано од ЕУ, САД и НАТО. Позицијата на Иванов само ја открива неговата партизираност“, рече Вајгл во воведното обраќање.
За време на расправата европратениците ја оценија ситуацијата во земјата како многу сериозна, при што политичката криза се продлабочува се загрозува европската перспектива на земјата.
Во име на Советот на ЕУ говореше претставникот на малтешкото претседателство Јан Борг според кого, Македонија страда од поларизација и култура на поделби. Тој изрази поддршка за работата на СЈО и рече дека новата влада мора да работи на реформите и на спроведување на Договорот од Пржино и на препораките од Извештајот на Прибе. Борг, исто така ја поздрави улогата на граѓанското општество во земјата и порача дека новата влада ќе мора целосно да ги реализира и сите обврски од Охридскиот договор.
Еврокомесарот за меѓународна соработка и развој Невен Мимица, како претставник на Европската комисија, исто така изрази загриженост од одбивањето на Иванов да го додели мандатот за формирање влада.
„Бараме од Иванов да ги почитува резултатите од изборите и да дозволи функционирање на демократијата. Загрижени сме поради потпалувачката реторика на некои политички актери кои ги загрозуваат меѓуетничките односи. Но, брзото формирање на новата влада нема да биде доволно само по себе, ќе инсистираме на целосно спроведување на Договорот од Пржино и реформи во владеењето на правото“, порача тој и додаде дека СЈО треба да добие време и ресурси да си ја заврши работата.
Според него, влада мора да се формира, а процесот е во рацете на претседателот и на политичките лидери. Само тие, рече Мимица, можат да ја вратат Македонија на патот на евроинтеграцијата. Но и ги предупреди властите во Македонија дека добрата соработка околу мигрантите не значи дека ќе ги затворат очите пред нарушувањето на демократијата во земјата.
И Кнут Флекештајн се огласи со слична порака дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт, а Едуард Кукан посака конечно да го види светлото во тунелот по неколку години криза во земјата, па го повика претседателот Иванов да го даде мандатот за формирање влада, а Парламентот на почне да работи според нормална процедура.
Тонино Пицула од групата на социјалистите ги критикуваше ВМРО-ДПМНЕ и Иванов дека „соочени со губење на власта ја доведуваат земјата во уште подлабока криза“. „Тие поттикнуваат протести, ги игнорираат претставниците на ЕУ, го блокираат парламентот, а загрозени се и локалните избори“, рече Пицула
Известувачот Вајгл од говорницата на Европскиот парламент ги повика соседите да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија во време кога состојбата во земјата е толку проблематична и комплицирана.
„Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, лично очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Парламентот“, рече Вајгл.
Едуард Кукан од Европската народна партија рече дека сѐ уште чека да го види светлото на крајот на тунелот од кризата во Македонија и го повика „претседателот Иванов да ја почитува волјата на мнозинството“.
.
Спротивни ставови изнесе само хрватската пратеничка Маријана Петир, која ги обвини САД и Албанија за мешање во политичката ситуација во земјата и ги поддржа протестите против тиранската платформа.