Антонио Милошоски тврди дека документите што деновиве ги споделил на социјална мрежа ги добил од „свиркач“ во СЈО. Но Катица Јанева не стравува дека информациите протекле од нејзини вработени. Во ексклузивна изјава за ТВ 21 таа вели дека се отворени голем број пред-истражни постапки против правни и физички лица, а извори во ова обвинителство брифираат дека до институциите се испратени можеби илјада барања за информации поврзани со предистражните постапки кои се држат во тајност.
„Ние имаме предистраги за финансиски криминали за повеќе лица и за повеќе правни лица, тоа е нормална работа, и целиот наш мандат го кажуваме тоа. Дали има луѓе меѓу вас во СЈО, кој дава информации? Не, не се плашам од тоа. Ние работиме транспарентно и секој граѓанин е запознаен со нашата работа во Република Македонија“, изјави Катица Јанева – сјо.
Милошоски кој во текот на вчерашниот ден на својот „Фејсбук“ профил ги објави документите издадени од СЈО, за ТВ 21 вели дека нема да го открие идентитетот на лицето кое му ги доверило истите.
„Документите сум ги добил од вработен во СЈО кој е „свиркач“ и кој што сметам дека треба да биде заштитен како таков, но е патриот човек и човек кој што не се согласува со злоупотребата и непрофесионалното работење на СЈО. Ќе се потрудам неговиот идентитет да остане зачуван за да не биде изложен на било какви ризици“, изјави Антонијо Милошоски – вмро-дпмне.
Ова е повредна на тајноста на постапката , велат адвокатите кои ги консултиравме, и доказ дека судството и државниот апарат продолжуваат со опструкции кон СЈО.
„Ова е само уште еден доказ дека нешто навистина не е во ред со нашето судство но и со институциите кои апсолутно не го почитуваат законот. До сега правеа опструкции со не постапување со наредбите и барањата на Специјалното јавно обвинителство, сега и оние барања кои ги добиваат очигледно дека протекуваат во јавноста и се доставуваат незаконито“, изјави Звонко Давидовиќ – адвокат.
„лицето или институцијата која му ги доставува овие документи од предистражна постапка на Антонијо Милошоски или на трето неповикано лице кое нема право да ја види содржината во нив се изложува на кривичен прогон за повреда на тајноста во постапката кој е казнив по член 369 по кривичниот законик на Република Македонија“, изјави Јанаки Митровски – адвокат.
Според познавачите на правната материја овој случај со протекување на документи на СЈО мора да биде испитан и да се дојде до негова разрешница, односно да се утврди изворот кој на лица кои немаат право да дојдат во допир со овие документи сепак им го овозможил тоа.