Иванов ја префрла топката-Прво да изберат претседател на Собранието па после мандат !

од Vladimir Zorba
140 прегледи
 

Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да стане еден Кипар, само што Македонија не е остров, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во интервјуто за емисијата „1 на 1“ на хрватската национална телевизија.

 

Меѓу другото,  Иванов вели дека она што ги предизвика илјадници граѓани повеќе од месец дена да се на улиците и стравот од конфедерација. . „Со таа тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава“, изјави македонскиот претседател во интервјуто за ХТВ.

 

На прашањето како гледа излез од политичката криза и дали нови избори би претставувале решение, македонскиот претседател вели дека состојбата на некој начин сега е блокирана, но и дека влијанието на надворешните актери е премногу силно.

– Затоа треба здрав разум, да се седне и да се разговара. Затоа што секогаш се можни решенија – вели Иванов и додава дека тој како претседател досега учествувал во изнаоѓањето на две такви решенија, посочувајќи ги лидерските средби и им порача на парламентарните партии дека мора да најдат начин прво да изберат претседател на Собранието за да се отстрани правната пречка за определување на мандат.