Предметот “Монструм” е во фаза на подготовка, а наредниот месец ќе биде дискутиран и на јавна седница во Врховниот суд, објави Фокус. Од судот потврдиле дека одбраната и обвинителството ќе ги соочат аргументите пред Врховниот совет во втората половина на мај. Инаку, овој случај речиси цела година се наоѓа во Врховен, но до сега не беше договорена јавна седница.
На седницата на Врховниот суд се очекува да присуствува и Специјалното јавно обвинителство, кое го презеде случајот во свои раце. Во меѓувреме роднините на загинатите рибари очекуваат да се откријат нарачателите на масакрот, а роднините на осудените од друга страна имаат очекувања дека специјалната обвинителка ќе открие сосема нова вистина и нови извршители, со што би се докажала нивната невиност.
Одбраната жалбите ги поднесе уште на 4 јануари 2016 година, а Апелацискиот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје. Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази против него. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово и неизвесно е каде се сега и дали воопшто некогаш ќе бидат изнесени пред лицето на правдата во земјава.