Од Пасхално послание на г.г. Стефан и САС на МПЦ-ОА за Македонија

По милоста божја, архиепископ охридски и македонски, заедно со светиот архиерејски синод, до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на македонската православна црква, а по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од бога, поздравувајќи ги со величествениот и торжествен поздрав – Христос воскресe! Еве дел од неговата порака:
Возљубени чеда во Господа,
Нашево време, за жал, на сите страни од светот изобилува со меѓучовечки и меѓуетнички недоразбирања и судири. Поделбите на економски, политички, па и верски план, го преплавија светот, па во тој потоп од омраза и злоба – војните, тероризмот и сл., постанаа секојдневие. Непријателството меѓу луѓето го достигнува својот врв, и сведоци сме на најстрашни страдања на невини луѓе, па и на цели народи. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата. Сè почести се самоубиствата, абортусите, убиствата и секаков вид насилство и криминал. Исто така, нарушувањето на бракот и семејството доведоа до последици и по моралната и по демографската состојба, особено меѓу европските народи. А сите тие неволи се раѓаат, пред сè, како резултат на човечкото неверие и самољубие, на отуѓувањето од Бога и од спасоносното евангелско слово. Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата. Зашто само воскреснатиот Христос е спасоносниот лек против сите страдања, и единствениот Пат, Вистина и Живот.
Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Голема е Божјата грижа за човечкиот род и Бог посакува од секого и од сите заедно искрено покајание, без кое нема спасение. Тоа ни го покажала токму и историјата на нашиот православен народ и на нашата православна Црква: секогаш кога слабеела нашата вера и кога сме биле оддалечени од Бога, сме минувале низ многу премрежија и искушенија. Но тогаш, кога со покајание сме се обраќале за помош, Бог нè услишувал и ни подарувал и слобода и мир. Затоа, верата во Христовото воскресение е длабоко присутна во животот на нашиот народ. Во долгите ропства и туѓите владеења, и во неправдите од завојувачите, имајќи ја секогаш верата во Бога – никогаш не сме ја губеле надежта во конечната победа и во целосната слобода. Тоа е така, зашто нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Македонскиот народ знаел дека без Бога и без Црквата не ќе може ништо. Знаел и цврсто верувал дека само со Божја помош сè може да истрпи и со Божјиот благослов сè да поднесе за доброто на сите. Затоа, ние, денешните чеда на Македонската православна црква, не треба да заборавиме дека богољубието и братољубието се двете основни правила по кои треба да постапуваме. Многупати се потврдило дека само кога со едномислие чекориме во вистината Божја и кога сме сплотени – имаме напредок; дека чесноста, вистината и правдата се добродетелите со кои најдобро можеме да се бориме против сите непријатели. Всушност, нашата воскресенска вера нè учи да живееме богоугодно и братољубиво, зашто само така ќе можеме да опстоиме и како народ, и како држава, и како Црква, се вели во Пасхално послание на г.г. Стефан и САС на МПЦ-ОА
Архиепископ охридски и македонски †Стефан