Воениот трилер на Софија Копола за американската граѓанска војна “The Beguiled” со учество на Никол Кидман и “Happy End” на австрискиот режисер Михаел Ханеке со француската филмска икона Изабел Јупер се меѓу 18-те филмови кои ќе се натпреваруваат оваа година во Кан, соопштија организаторите.
Во “The Beguiled” Колин Фарел игра повреден војник кој ги заведува сите жени околу себе, што доведува до тешки последици.
Во 70-то јубилејно издание се вклучени уште филмот на Тод Хајнс “Wonderstruck”, кој ги раскажува паралелните приказни на две глуви деца во 20-тите и 70-тите години, додаде директорот на фестивалот Тиери Фремо.
Меѓу другите ленти, кои се вклучени во натпреварувачката програма, се и “Redoubtable” на добитникот на “Оскар” за филмот “Уметникот” Мишел Азанависиос.
За актерски награди ќе се натпреваруваат Американците Хоакин Феникс и Колин Фарел, Австралијката Никол Кидман, Французите Винсент Линдон, Изабел Јупер и Адел Аенел.