Големиот Дестабилизатор

од Vladimir Zorba
451 прегледи

Дестабилизаторот на состојбата во Република Македонија Ѓорге Иванов се уште не го поздрави изборот на Новиот претседател на Собранието на Република Македонија.

Дестабилизаторот Иванов кој ја остварува функцијата Претседател на Република Македонија се уште го нема повикано на средба спикерот Талат Џафери.

Ќе чека можеби службено известување дека Талат Џафери е претседател на Собранието. Па ќе си земе уште неколку дена да размисли.

Тоа е оној ист Иванов што ја бранел демек унитарноста на државата. Што го штител Уставот. Што барал гаранции. И демек што бил за дијалог итн, итн …Будни сме одамна и бајки не не заспиваат “татко на нацијата” ( како грозно, перверзно и иронично звучи оваа фраза врзана за неговото име! ).

И не! Тој не праша како се повредените Зијадин Села, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Спасовски, Николовски и сите други пратеници, новинари, службеници во парламентот. Не беше да ги посети. Да им стисне рака. Во очи да ги погледне и да им каже дека насилниците кои посегнаа по нив ќе бидат откриени и казнети, дека ќе се посвети на грижата за раните што кај сите нас останаа по минатиот четврток и дека ќе направи се за враќање и градење на меѓусебната доверба.

Не.

Тој си седеше дома!

Се скри зад камерите да прочита едно ливче!

Се обрати демек!

Не даде простор за прашања. И разбирам, нема одговори!

Што работи човекот што седи затворен во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија? Со кого се среќава? Како се информира? Од медиуми? И кои? Си седи, си чита, си гледа телевизија. Додека државата гори!

Јас барам одговор што и како се случувало во Кабинетот од четвртокот наваму. Ние имаме право да знаеме што правела оваа највисока институција во Република Македонија. Очекувам дека една независна парламентарна истрага ќе ни ги даде тие одговори.

Џафери му пратил писмо на Иванов!

Сетики ќе го прочита кога ќе дојде редот, зошто тој е многу зафатен.

Иде тажен период за Иванов во кои осамено ќе ги минува празните денови преостанати од неговото “претседателствување” додека граѓаните ќе ги плаќаат тие неработни денови на “претседателот”, “неговиот кабинет”, “првата дама” …

Не ми е жал за Иванов. Ќе се храни со потчукнување од разноразни лилјаци, водоносци, класни, мечки во пештера и уредници на “куртон вести”. Некои од нив во надеж дека Иванов ќе сплеска уште една незаконска амнестија зошто му се може!

Но, ме загрижува целосното урнисување на функцијата Претседател на државата, нужната маргинализација на Иванов, при што жртва ќе биде највисокиот орган во државата, а со тоа и нарушување на функционирањето на власта во Република Македонија онака како што Уставот предвидел.

Затоа – Ѓорге Иванов:

Еве ти го доказот што го бараше од новото парламентарно мнозинство дека ќе ја зачуваат унитарноста на државата – претседателот на Парламентот ти праќа писмо испочитувајќи ја функцијата што ја извршуваш, како и уставните процедури, те известува за парламентарното мнозинство и бара согласно да го доделиш мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тоа е истиот оној Џафери на кого се уште не си му честитал. Истиот оној Џафери кого се уште не си го повикал на разговор за критичните состојби во Македонија и за начините како ќе работите на нивно надминување и смирување како претставници на највисоките институции во државата. И сосема на крај, но не и само флоскула, да разговарате како ќе соработувате.

Зоран Заев, пак, од своја страна и натаму чека мандат од тебе. Пет месеци по изборите! Иако, во оваа ситуација владата можат и да ја изгласаат во Парламенот.

Не! Не е тоа од почит кон тебе! Туку од почит кон институцијата Претседател на Република Македонија. На Уставот на Република Македонија кој ја предвидел и ја исцртал.

Во овој момент Ѓорге Иванов ти си тој што работи против унитарноста и Уставот на Република Македонија чија должност ти е да ги штитиш. Врати се на колосек и спаси ја функцијата Претседател на државата од Ѓорге Иванов.

Однапред ти благодарам!

Елеонора Каранфиловска – Ретклиф (Фејсбук статус)