81-годишната легендарна филмска ѕвезда Ален Делон објави дека прифатил да ја одигра својата последна филмска улога, по која има намера да се повлече конечно од сетот.
На филмскиот фестивал во Лиеж секс симболот на француското кино ја подигна завесата околу финалниот проект со тоа што издаде дека улогата била напишана специјално за него.
Тој ќе одигра маж на својата возраст, кој се вљубува во жена речиси 30 години помлада од него. Заплетот многу потсетува на филмот, кој во 1985 година му донесе “Цезар” – “Нашата приказна” на Бертран Блие. Овој пат во романтичната лента со навестувања на трилер, во режија на Патрис Леконт, филмска партнерка не случајно ќе биде прекрасната Жулиет Бинош. Иконата на седмата уметност додаде дека првично саканата во филмот требало да биде Софи Марс, но таа веќе била ангажирана. Сепак тој не го криеше афинитетот кон Бинош како актерка и дури изјави дека “навистина многу ја сака”.
Се очекува премиерата на последниот филм на Делон да биде готов оваа есен. За него ова е прво кино докажување од 2008 година наваму, кога тој учествуваше во авантуристичката комедија “Астерикс на Олимписките игри”.