Исланд ја совлада Македонија со 30:29 (16:16) во четвртото квалификациско коло за пласман на Европското ракометно првенство во Хрватска во 2018 година и од дното го презеде врвот на табелата во групата 4. Реваншот во Рејкјавик имаше сличности што на крајот беа во прилог на домашната селекција.

Македонија и во „Лаугардалсхол“ почна одлично како и во СЦ „Борис Трајковски“. Кон средината на првиот дел имаше водство со три гола во два наврата (9:6 и 10:7) .
Исланѓаните наметнаа свој ритам, постојано имаа предност што на моменти во продолжението изнесуваше и четири гола разлика. Македонија, сепак, не загуби глава и постојано му дишеше во врат на противникот и успеа да го внесе мечот во неизвесен финиш. Меѓутоа не и да го сврти резултатот, а ривалот умешно ја сочува гол предноста за која ја „грицкаше“ последната минута од мечот.
Најефикасен на натпреварот беше Кире Лазаров со осум гола, Манаков додаде 7 колку и Гудмундсон за Исланд, репрезентација во која се истакна и Карасон со шест реализации.
Сите четири селекции во групата 4 сега имаат по две победи и два пораза пред последните две. „Црвено-жолтите“ во претпоседното коло, на 14 јуни, ги очекува уште едно гостување во Украина пред средбата со Чешка четири дена подоцна во Скопје.
Квалификации за ЕП 2018 – Група 4
Резултати, 4. коло
Исланд – Македонија 30:29
Чешка – Украина 32:25
Табела: Исланд 4, Македонија 4, Чешка 4, Украина 4.
Идно коло: Чешка – Исланд (14 јуни), Украина – Македонија (15 јуни)