
Пречките за доделување мандат за формирање влада се отстранети, соопшти денеска претседателот Ѓорге Иванов, кој му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев истакна дека двете пречки за доделување на мандатот се отстранети и оти во писмена форма ја доставил гаранцијата до Иванов.
– Гарантираме заштита на унитарноста, територијалниот суверенитет, независноста и на мултиетничноста на Македонија. Ги гарантираме уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија. Гарантираме зачувување на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани. Процесот на носењето на одлуките за граѓаните на Македонија ќе биде во согласност со Уставот и нема да ја доведеме Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема државата. Ниту еден документ, платформа или акт не може да бидат услов или основа за формирање и за дејствување на владата на Република Македонија – рече Заев./Мета видео а1он