Графики на Мештровиќ во Чифте амам за Европската ноќ на музеите

од Vladimir Zorba
96 прегледи

 

Националната галерија на Македонија вечер ќе биде дел од манифестацијата „Европска ноќ на музеите 2017“. По овој повод ќе се претстави со изложбата „Иван Мештровиќ, графики од Депоата на НГМ“, поставена во објектот Чифте амам до 31 мај 2017 година.  

Изложбата чиј влез е бесплатен, ќе и понуди на македонската публика ретка можност да проследи 21 оригинална литографија од Мештровиќ (1883 – 1962), овојпат претставен како цртач и графичар. Делата се составен дел од мапата литографии од 1923 и се сопственост на Националната галаерија на Македонија (од т.н. екс-југословенска збирка). Мапата ќе биде проследена и со презентација на две скулптури од уметникот, исто така сопственост на Националната галерија.

„Европска ноќ на музеите 2017“ се одржува во сите музеи во Франција и во сите европски музеи кои сакаат да партиципираат, а влезот е бесплатен за сите посетители. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и комуникации на Република Франција, Советот на Европа, ИКОМ, УНЕСКО, како и од асоцијацијата Музеите во Франција, Федерацијата „Пријатели на музеите“, TV5MONDE, Radio France.