Судот на минатото рочиште прифати за сведоци да ги повика адвокатката Билјана Панова, нотарот Сашо Клисаровски и преведувачката пред кои наводно е дадена, односно заверена изјавата која била користена за потребите на постапката во САД, па оттука, Ахмети и Џафери ќе докажуваат дека изјавата била дадена во Скопје и за тоа е надлежен скопскиот суд, а не на екстериторија во Амбасадата на САД во Скопје.
Адвокатката на Али Ахмети, Татјана Поповски, побара Богоевски да го појасни приговорот на одбраната за стварната и месна надлежност на судот за постапката. Полномошниците на тужителите рекоа дека ќе се произнесат по одговорот на тужените кога до судот ќе биде доставена оригиналната изјава на Слободан Богоевски дадена за Њујоршкиот окружен суд преведена од овластен судски преведувач.
„Вакви тужби се недозволени и се казниви според македонскиот кривичен законик. Ова јас го доживувам како притисок“ – рече Богоевски.
Богоески во сведоштвото пред американскиот суд посочи дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиерот Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери. Како отштета во овие процеси Ахмети побара 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари.
