ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 мај.
Денеска е Преподобен Пахомиј Велики.
Свети Пахомиј по род беше Египќанец, а се роди во незнабожечко семејство. Во времето на Великиот Константин служеше во неговата војска. Некаде во тоа време тој поверува во Христа и набргу, желен за подвиг, отиде во Тиваидската пустина кај познатиот подвижник Паламон. Овој го прими и го учеше на подвижнички живот 10 години. Во тоа време на Пахо¬миј му се јави ангел и му заповеди да подигне манастир, а му го даде и уставот на манастирот. Овој изгради многу келии, кои набргу се наполнија со монаси. Подоцна свети Пахомиј изгради уште шест манастири и раководеше со духовниот живот на илјадници подвижници. На многумина им беше пример во смирението, трудољубивоста и воздржувањето. Се упокои на свои 74 години, во 348 години. Свети Пахомиј се смета за основач на општожителното монаштво.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Благословена Марија Бартоломеја Бањези.
Била родена во 1514 година, во Фиренца. Слободното време го поминувала молејќи се. Тешко се разболела и останала неподвижна. Сите и се воодушевувале на нејзината храброст. Во 1547 година, и било дозволено да стапи во редот на доминиканските сестри, но и натаму да остане во својот дом, во кој ќе се моли и духовно ќе разговара со посетителите. Умрела во 1577 година.
ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР
Времето за ифтар и суфур
Во Скопје, времето на ифтар (кога завршува постот), денеска е во 20 часот и 6 минути, додека времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 18 минути.
Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.
За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.