Македонскиот павилјон на Карасага привлече околу 30.000 посетители на најголемиот фестивал на културите во Онтарио

од Vladimir Zorba
104 прегледи

 

 

 

Од 26 до 28 мај во градот Мисисага, Онтарио, Канада се одржа најголемиот мултикултурен фестивал во провинцијата и еден од најголемите во Канада на кој што учествуваа  30 павилиони претставувајќи 80-тина светски нации меѓу кои и нашата, македонската, претставена со павилјоноторганизиран од македонската православна црква Св. Илија од Мисисага.

Според зборовите на менаџерот на фестивалот Боне Темелков и заменик менаџерот Зоран Иваноски,македонскиот павилјон  за време на трите фестивалски дена го посетиле околу 30.000 посетители кои се насладуваа со македонските традиционални специјалитети: тавче гравче, македонски пити, ајвар и други кулинарски ѓаконии од нашата национална кујна, а ги откриваа и тајните на македонската древна историја прикажани во прекрасниот изложбен историски дел исполнет со фотографии, факти и други реликвии од македонското богато фолклорно минато.

Фестивалот беше отворен од страна на раководителот Боне Темелков и на традиционален начин со молитва, погача и виноосветени од парохискиот свештеник протоереј Константин Митровски кој го благослави фестивалот посакувајќи му успех и бериќет.

Така и беше, за време на трите фестивалски денови, бројните посетители имаа можност да ја почувствуваат и запознаат одблиску Македонија,нејзината топла и срдечна душа и ритамот нанејзиното срце преточен  низ фолклорните игри презентирани  од македонските фолклорни групи: ,,Илинден’’ од црквата домаќин Св. ,,Илија,,од Мисисага, Ансамблот ,,Македонка,, од МПЦ Св. Климент Охридски од Торонто, Ансамблот,,Здравец ,, и Куд ,,Билјана,, од МПЦ Св. Димитрија Солунски од Маркам,  како и музичките уметници Соња и Оливер Бенд,Веле Тошевски и Ице Димитровски.

Годинава посебно освежување на македонскиот павилјон беше настапот на фолклорната група ,,Македонски Танец,, од МПЦ Св. Богородица од Колумбос Охајо, Сад кои ја реализираа возвратната посета на својот пријателски домаќински ансамбл ,,Илинден,,. Тие пленија со својата младост и разиграност , а колоритните носии го дополнија впечатокот на убавата македонска фолклорна игра.

Исто така на фестивалот годинава настапи и познатиот мексикански поп пејач Јордан Еваноф чии што корени се од Егејскиот дел на Македонија. Тој не го криеше задоволството од средбата со своите луѓе, кои го прифатија со овации.

По традиција симпатиите на публиката отидоа и кај учениците од неделното црковно училиште од МПЦ Св. Илија кои учествуваа во интонирањето на химната на Република Македонија.

Претставувањето на македонската култура и традиции не ќе беше возможно без бројните спонзори и стотината волонтери кои го помогнаа одржувањето на фестивалот.

За време на фестивалските денови македонскиот павилјон го посетија и  Амбасадорот на Република Македонија во Отава Тони Димовски,Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто д-р Јовица Палашевски и други локални политичари и учесници во јавниот и културниот живот на Канада.

Соња Лозановска