СЈО до крајот на мандатот ќе поднесе 20 нови обвиненија – кои ќе бидат новите обвинети функционери?

од Vladimir Zorba

  Бројот на обвиненија кои Специјалното јавно обвинителство ќе ги поднесе во рокот кој истекува на крајот на месецов можно е да стигне до бројката 20. Такви се последните неофицијални информации од институцијата, откако вчера и шефицата на СЈО Катица Јанева, најави најмалку 15 нови предмети до судот до 1-ви Јули.

Според кредибилни извори на АЛСАТ М, извесно е дека меѓу новите обвиненија ќе се најдат речиси сите предмети кои до овој момент на јавноста и беше познато дека се во фаза на истрага. Потенцијално, тоа значи дека пред судот ќе одат Тортура, односно случајот против Љубе Бошковски, ТНТ– за рушењето на зградата на Фијат Цановски, Трезор– за набавките на УБК преку фирмата чиј управител Коста Крпач се самоуби, и други. Но, веројатно најзвучните предмети се за незаконското прислушување во УБК „Таргет“ и првата истрага на СЈО, „Титаник“, за изборни измами.

 Кои се лицата кои ќе бидат обвинети може да се претпостави со голема веројатност ако се погледне архивата на јавно презентираните истраги на СЈО и на медиумите. Така, извесно е дека пред судот ќе се бранат:

Највисоките функционери во претходната влада кои истовремено ја водеа и ВМРО-ДПМНЕ

Највисоката структура на УБК и на МВР од времето на Сашо Мијалков и на Гордана Јанкуловска

Судии, членови на Државната изборна комисија, партиски функционери пред се на ВМРО-ДПМНЕ но и на ДУИ.

Ако се следат јавно објавените истражни постапки, листата не потенцијално обвинети не завршува тука. Целосно, по име и презиме, секако ќе се дознае во текот на следните 20 дена.

Но, додека е извесно дека речиси сите отворени истраги ќе завршат како обвиненија пред суд, засега не е јасна судбината на сите сомнежи и предмети во предистражна постапка отворени од необјавените прислушувани разговори. Катица Јанева вчера изјави дека нема намера да ги прати во редовното Обвинителство, туку дека ќе продолжи да работи по нив. Надежта и тие предмети да се најдат пред суд е евентуална одлука на Собранието со која на СЈО ќе му биде дозволено да поднесува обвиненија и по 1 Јули. Но, за таква одлука, потребни се две третини од гласовите на пратениците, што значи поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини